сабота, 25 мај 2024

Во Чаир активисти одат од врата на врата и ги тераат Албанците да гласаат за ДУИ

Калаши и насилници ги координираат гласовите на ДУИ пo првиот круг од претседателските избори и пред гласањето за парламентарните избори. Се очекуваат инциденти, а Груби ќе диригира од илегала.

Објавено на

часот

Сподели

Активисти на ДУИ деновиве одат од врата до врата во скопската населба Чаир исклучиво кај граѓани Албанци и граѓани од исламска вероисповест и со списоци во раце ги прашуваат за кого ќе гласаат на изборите, што ќе се одржат во среда на 8 мај. Македонците се изоставени од акцијата на ДУИ.

Ова го сведочат десетици чаирчани, сите етнички Албанци, кои како што велат се чувствувале буквално принудени да одговараат на прашањата на активистите на ДУИ без притоа да добијат какво било објаснување за изненадната посета. Не добиле објаснување и за, како што велат, дрскоста да бидат прашани за кого ќе гласаат. Тие се исплашени.

„Па тие имаат списоци со нашите имиња. Знаат кои сме, и се соменаваат дали ќе гласаме за ДУИ. Сите семејства во Чаир добро се познаваме. Мене ме посетија во средата, на 1 мај, неработен ден. Ме фатија, како што се вика во пижами. Ме буди синот и ми вика некои луѓе те бараат. Излегувам полусонлив и гледам неколкумина со тетратки и списоци во раце. Добро утро, ние сме од ДУИ, кажи за кого ќе гласаш, ме прашаа тие. Се збунив, а и се исплашив. Тие се на власт, а ние тука во Чаир многу добро ги познаваме кои се што се, а и на што сѐ се подготвени. Викам за вас ќе гласам, за четворка. А добро, така треба, ми одговорија и запишаа нешто во тетратката. Ми се обратија како на куче и си заминаа. Ако ова не е закана не знам што е“, ни раскажа жител од скопската населба Чаир.

Извори од ДУИ од чаирскиот огранок, велат дека Албанците не го сакаат Артан Груби без разлика на тоа што ја има поддршката oд партискиот лидер Али Ахмети. Токму поради тоа, деновиве бил одржан и состанок во седиштето на партијата во тетовска Мала Речица на кој било одлучено Груби и Беким Незири, претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, да бидат изоставени од јавните настапи во партиските кампањи, а главниот адут, тркач, пред изборите да биде Бујар Османи. Тој ќе биде присустен на сите албански и македонски медиуми. Груби и Незири не уживале поддршка меѓу Албанците. Луѓето знаат дека тие за многу кратко време стекнале огромно богатство, а не го одобруваат.

„Османи го почитуваат сите. И Албанци и Македонци. А Груби и Незири никој не ги сака. Гласовите што ги освои во првиот круг на претседателските избори Таравари направија паника во нашите редови. А сигналите што ги дава ВМРО-ДПМНЕ преку јавните настапи се многу јасни. Тоа значи дека дури и да победиме во албанскиот блок, таа победа не би била повеќе од 2-3 пратеника разлика, како што сега стојат работите, а може ни тоа да не биде, а ние нема да бидеме дел од идната влада на ВМРО. Тараври ќе има доволно гласови за пазарање“, ни вели висок претставник на ДУИ во Чаир.

Против Таравари и со калашникови

Тој продолжува. „Нема друго, ќе биде лошо во албанскиот блок. Нема шанси да има влада без ДУИ. На 8 мај на денот на изброите на гласачките места кај Албанците главна улога ќе играат калаши и насилници. Таравари со освоените гласови во првиот круг на претседателските избори буквално направи цунами меѓу Албанците. Имаше неколку инциденти и тепачки меѓу штабовите уште во првиот круг. Се тепавме меѓу себе. Можеш да замислиш што ќе биде на 8 мај“, ни вели изворот од чаирскиот огранок на ДУИ.

Разликата меѓу Османи и Таравари во првиот круг од претседателските избори беше околу 2.000 гласа во корист на Османи. Но, тоа за Чаир, општина која се смета за една од базите на ДУИ, во Мала Речица е примено како пораз.

За неправилности при гласањето на 24 април веќе има решение и на Управниот суд. Коалицијата Вреди го објави решението на Управниот суд со кое се прифаќа нивната жалба за полнење кутии во Липково. На гласачко место во Липково имало полнење на кутија од блиски луѓе на носителот на листата на ДУИ во оваа зона,  со техника позната како „бугарски воз”. Во судската одлука стои дека тужбата на кандидатот на претседателските избори во 2024 година, Арбен Таравари, е прифатена.

ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти, функционери на ДУИ се забележани во Виница, Кочани, Берово, Делчево каде во верски објекти со полицајци се обидуваат да поткупуваат гласачи, соопшти вчера ВМРО-ДПМНЕ.

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека за сите овие неправилности ја информирал меѓународната заедница, но предупредува дека ДУИ се подготвува за полнење кутии и изборни нерегуларности и на парламентарните избори на 8 мај.

„Високи функционери и членови на Владата го прават тоа придружувани од припадници на МВР. Сите информации што ги имам ги споделив со полицијата и со меѓународните институции кои го следат изборниот процес. Критични места се Липково, Арачиново и Сарај каде има сомневања за тешки изборни нерегуларности на 24 април“, изјави Мицкоски и обвини дека интегративците предизборно истураат и огромни количини кеш за поткуп на гласачи.

„До претставниците на меѓународната заедница, до ОБСЕ и ОДИХР доставивме список на избирачки места каде што во определен временски интервал гласањето во просек трае и помалку од една минута, што наведува на тоа дека таму имаме нерегуларности, односно да бидам попрецизен полнење на кутии. И токму на тие избирачки места терминалите за отчитување на отисок од прстот не работеле во тој период“, изјави Мицкоски.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ