Поранешниот министер за транспорт во дискусијата за измените во Законот за урбанистичко планирање рече дека еден закон не треба да се менува за потребите на една компанија, особено не на ваков начин, со европско знаменце.
„Овој пакет предлог закони не се однесуваат на коридори, туку само за дел од тие коридори, автпатски делници. Овде зборуваме за делови од коридори, а не за цел систем. Кога веќе сме донеле таков градежен гигант, требаше да одиме со комплетни коридори 8 и 10д. Коридорите сега не се целосно автопатски решенија, туку само делумно. Коридорот 8 на пример почнува од Крива Паланка, а завршува до Ќафасан. Сега имаме автопатско решение од Тетово до Ќафасан и од Прилеп до Битола, а тоа значи од Куманово до Деве Баир ќе имаме тесно грло“, рече Балковски.
Тој подвлече дека многу проблеми ќе настанат во текот на градењето затоа штои не е предвидено дека ако предлог трасата се промени, треба да се променат и условите за градбите. Урбанистичкото планирање е првата фаза и затоа е потребно во планирањето да се опфатат сите елементи и фази за донесување на урбанистичкиот план, рече Балковски.
Во Собранието денеска почна расправата по pредлог на законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка, кaко дел од пакетот закони за изградба на коридорите 8 и 10д.
Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ забележаа дека за вакви закони надлежна е Комисијата за транспорт и врски, а не Комисијата за европски прашања. И за измените на овој предлог-закон посочија дека Владата го злоупотребува користењето на европското знаменце. Опозициските пратеници прашаа како може да се кажува дека овој коридор ќе чини околу 1,3 милијарди евра без направена студија, направен идеен и основен проект, ревидиран проект, главен проект, проект на изведена состојба и посочија дека без проект, не може да се удри лопата. Тие потенцираа дека и овој предлог-закон е доставен до пратениците со празна кореспондентна табела затоа што, како што посочија, Владата нема што да напише, нема ништо помеѓу овој закон и законите во Европа.
Пратениците од СДСМ се надоврзаа на интервјуто на американската амбасадорка Анџела Агелер за МИА во која вели дека „Бехтел“ е компанија која работи транспарентно и законски, а опозицијата критикува заради политички поени. Посочија дека по изјавата на амбасадорката, веќе нема ништо сомнително околу изградбата на коридорите.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ реплицираа дека амбасадорката кажала дека компанијата „Бехтел“ работи добро, а не Владата.
Жаклина Лазаревска, пратеничка на СДСМ истакна дека целта на оваа измена и дополнување на законот е да се овозможи забрзана реализација на градби од стратешки карактер како што се изградба на државни патишта, железници, пруги, магистрално гасоводи.
„Околу изјавата на почитуваната амбасадорка – сите сме за транспарентност, затоа да се издејствува да го видиме Договорот и да падне целата прашина. И да ве потсетам амбасадорката кажа борба против корупцијата, борбата против високиот криминал во државата. Тоа го кажа амбасадорката“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Здравко Трајанов.