петок, 24 јануари 2025

ВМРО-ДПМНЕ: Тековните предизвици во РЕК Битола се решаваат, а СДС е најмалку повикана да коментира за состојбите

По соопштението на СДСМ за проблемите во функционирањето на РЕК Битола, од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат дека  „СДС ја труе јавноста со неточни информации во обид да предизвика паника за наводни хаварии во РЕК Битола“.

Објавено на

часот

Сподели

„Багерот КАУ 300 е оперативен и во функција, а во тек е краткотрајна замена на дел од транспортната лента на главниот транспортен систем за јаглен. Исто така, производството на јаглен од рудниците ПЈС Суводол и од Брод-Гнеотино тече нормално и во континуитет, и покрај сите проблеми што новото раководство ги наследи.

Кадровските промени во одредени работни единици се во функција на целосно искористување и оптимизација на човечкиот потенцијал, со цел дополнително зајакнување на перформансите на комбинатот и се сосема нормална работа во секоја компанија која цели кон консолидација и подобри резултати“, реплицираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Понатаму во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се укажува дека СДСМ е најмалку повикана да коментира за состојби во РЕК Битола што ги предизвикале нивните кадри поради несовесно работење во сите сегменти од најголемиот државен производен капацитет.

„Уште на стартот на грејната сезона во повеќе јавни настапи, новото раководство на АД ЕСМ и на РЕК Битола информираа дека нашиот најголем производител на електрична енергија е затекнат во катастрофална состојба, и во рудниците и во термоелектраните. Но СДС не остави пустош само во РЕК Битола, туку во цело АД ЕСМ. Компанијата ја оставија уништена – и во финансиска и во техничко-технолошка смисла, а во тек се процеси на консолидација кои ќе се одвиваат во подолг временски период.

Патем, кога СДС се дрзнува да коментира за состојбите со рудниците и рударската механизација во РЕК Битола, ќе ја потсетиме јавноста дека за време на нивното менаџирање со комбинатот – токму главниот транспортен систем за јаглен, беше нефункционален по целата должина. Очигледно, ним им одговарале таквите состојби со цел да го направат АД ЕСМ зависно од увозен јаглен потребен за производство на електрична енергија.

Заради систематско запушување на одводните канали од нивна страна, механизацијата во рудниците беше удавена и нефункционална со недели – после секој дожд или стопен снег“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според наводите во соопштението, јавноста допрва ќе гледа кој, на каков начин и со која цел го уништувал имотот на една од стратешки најважните компании во Македонија. Се потсетува дека случајот „Адитив“ е само капка во морето во однос на она што се очекува да го презентираат надлежните органи и институции по завршените истраги.

„Сите виновници за затекнатите очајни состојби во АД ЕСМ и во производните капацитети, со акцент на РЕК Битола и на РЕК Осломеј – очекуваме многу брзо да бидат обелоденети со име и презиме и да сносат целосна одговорност. Тоа што се уништи од претходните раководства во последните пет години – невозможно е да се надмине за неколку месеци. Вработените и раководството на комбинатот секојдневно се борат со проблемите што ги оставија СДС и нивните коалициони партнери. Во овој контекст, апелираме опозициските политичките партии да не го користат со лажни конструкции – РЕК Битола и генерално АД ЕСМ, за дневнополитички манипулации!“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ