четврток, 13 февруари 2025

Русите не се воодушевени од планот на Трамп за крај на војната, „можеме да се бориме уште една година“

Првичните обиди на претседателот Доналд Трамп да го охрабри рускиот претседател Владимир Путин да преговара со Украина се чини наидоа на рамнодушност во Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека не гледа ништо ново во предупредувањата и плановите на Трамп за прекин на конфликтот. Трамп ја изрази својата подготвеност да го зголеми економскиот притисок врз Москва, и покрај серијата санкции кои веќе беа воведени по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Кремљ, и покрај економските предизвици и загубите во војната, верува дека може да го издржи продолжувањето на конфликтот најмалку уште една година, пишува Волстрит џурнал, повикувајќи се на извори. Рускиот буџет е оптоварен со огромни инвестиции во одбранбената индустрија и компензација за семејствата на загинатите и ранетите војници, додека инфлацијата го зголемува притисокот. Сепак, аналитичарите посочуваат дека Москва сè уште има ресурси да ја продолжи војната, додека руските сили прават бавен, но стратешки напредок на украинска територија.

Василиј Кашин, експерт за меѓународни односи од Москва, забележува дека сегашните економски нерамнотежи во Русија не се доволно сериозни за да го принудат Кремљ да се повлече. Русија сега контролира речиси една петтина од Украина и продолжува да врши притисок да наметне свои услови во потенцијалните преговори.

Од друга страна, Украина призна дека враќањето на сите територии изгубени за време на војната не е реална цел, но инсистира на безбедносни гаранции кои би спречиле нови напади од Русија. Москва, пак, бара признавање на нејзините територијални освојувања и намалување на украинските воени капацитети.

Аналитичарите нагласуваат дека предупредувањето на Трамп е повеќе вовед во можни преговори отколку конкретен предлог. Кремљ во моментов не гледа причина да ги промени своите фундаментални барања и ги гледа заканите на Трамп за санкции како политичка тактика.

Татјана Становаја, политиколог од Париз, близок до извори во Кремљ, истакнува дека Путин ја гледа војната како историска можност за консолидирање на територијата и спротивставувањето на влијанието на Западот во регионот. За Путин, идеалниот исход вклучува геополитички договор сличен на Јалта во 1945 година, кој би обезбедил руска контрола врз делови од Источна Европа.

Од друга страна, Трамп призна дека постигнувањето договор меѓу Русија и Украина може да потрае подолго отколку што сугерираше за време на кампањата. Неговите закани за нови санкции би можеле дополнително да ги одложат сите преговори, предупредуваат експертите.

Додека Путин се надева на преговори под руски услови, вклучително и признавање на територијалната реалност и ограничувањата на украинската војска, Трамп ќе се соочи со предизвикот да балансира меѓу американската поддршка за Украина и обидот за дипломатија со Кремљ.

Засега од Москва велат дека се отворени за дијалог, но само под услови кои ги обезбедуваат нивните долгорочни интереси. Во овој момент тоа значи признавање на територијалните освојувања на Русија и Украина да не влезе во НАТО и евроатлантските интеграции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ