„За да остане запаметено колку е лоша состојбата во енергетиката, да потсетиме на аферата ‘рачиња во медот’ за набавка на стар блок трансформатор во РЕК Битола. Имено, последните две години бевме сведоци на хаваријата на блок трансформатор од блок 2 во РЕК Битола и многуте небулозни објаснувања од владеачката гарнитура за причина на хаваријата и нејзина санација како и за набавка на стар користен трансформатор. Наместо нов блок трансформатор набавен е стар-користен регулационен трансформатор, кој во фабрика во Турција е преспоен на фиксен преносен однос“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како последица на тоа, велат од партијата, генераторот не смее да работи со номинален напон, туку со намален напон, поради што блокот не смее да работи со номинален товар, за да не се преоптовари генераторот и да не се оштети.
„Ова е една од причините зошто блок 2 не може номинално да работи, секако ако се исклучат другите проблеми со неквалитетен увозен јаглен. Како последица на сето ова се поставуваат неколку важни прашања и тоа, дали има одговорност зошто е набавен стар користен регулационен трансформатор кој е преспоен на фиксен преносен однос и тој не одговара на номинаните параметри?. Зошто е купен стар регулационен трансформатор со поголема моќност од потребната? Зошто не е купен нов блок трансформатор? Како ќе се објасни превисоката цена за овој стар трансформатор која е повисока дури за 3,5 милиони евра од нов трансформатор? Каде завршија овие пари?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата уште прашуваат кој е одговорен за ваквата ситуација, зошто државните институции не презеле ништо и „кој ги замачка рачињата со мед во овој случај?“.
„Одговорност мора да има!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.