сабота, 19 октомври 2024

Власта и опозицијата не можат да се согласат околу заклучоците во Анкетната комисија за онкологија

Објавено на

часот

Сподели

Бараме од ОЈО под итно да ги расчисти сомнежите за злоупотреба на терапија на Клиниката за онкологија, како и потенцијалното негативно влијание врз здравјето и животот на пациентите. Ова да биде првиот заклучок од Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, предложија денеска,  осумте пратеници членови на комисијата, од страна на СДСМ и коалицијата. Заклучоците се доставени до претседателката на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, Рашела Мизрахи. 

Постоеле долгогодишни системски слабости во функционирањето на Клиниката, констатирани и во извештаите на ДЗР за 2021, 2012 и 2008 година. Се констатира дека до 2017 година не била набавувана современа иновативна терапија за лекување на пациентите на Клиниката. Измените на 3законот за здравствена заштита со кои се дозволува увоз на лекови без сертификат за квалитет од земји надвор од ЕУ претставувал потенцијална опасност од увоз на лекови со сомнително потекло, се вели во заклучоците. 

Со нив се бара да се донесе нов начин на финансирање на целокупниот здравствен систем и имплементација на следење согласно искуството од земјите на ЕУ, модернизација и регионализација на онколошките центри ширум државата.

Набавката на Централен систем за терапија со нефункционален софтвер и недоволен кадар, не ја исполнил намената за која бил набавен. Со набавката на биолошка терапија од 2017 нагло се зголемува долгот на Клиниката, посебно од 2022 година, но и бројот на пациенти кои се третираат со истата, се дел од заклучоците понудени од СДСМ и коалицијата. 

Потребно е, се вели, воведување законски измени за редовни превентивни прегледи за заштита на здравјето на граѓаните.

Да се спроведат препораките на ДЗР и да се донесат измени во Законот за јавни набавки. Да се обезбеди редовна и квалитетна набавка на лекови на иновативна биолошка терапија, врз основа на измените на Законот директно од производителот. Продолжување на постапката за ревидирање на позитивната листа. Да не се набавува опрема, без соодветен функционален систем и без обезбеден простор и персонал за работа, а опремата и апаратите кои се во функција, веднаш да се стават на располагање на пациентите, е наведено во предложените заклучоци доставени до Мизрахи, а ги соопшти пратеникот Ненад Коциќ. 

м

Претседателката на Анкетната комисија, Мизрахи на денешната седница соопшти дека заради прекршување на уставни начела, непостапување согласно надлежностите кои се пропишани во законите од областа на здравствениот систем, како и прекршување на позитивни прописи од подзаконските акти со кои се уредуваат организацијата, работењето и контролата на здравствените установи, политичка одговорност за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија е утврдено кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче, тогашните медицински и економски директор на Онкологија Нино Васев и Нехат Нухи, тогашната директорка Ирина Сотирова Букова, тогашните директори на ФЗО, Стево Кртсевски и Фатон Ахмети.

По претставувањето на овие заклучоци од Мизрахи, реагираа пратениците членови на СДСМ, кои истакнаа дека не се согласуваат со овие заклучоци оти, како што рекоа, се заклучоци само од членовите на ВМРО-ДПМНЕ.  Тие побараа оставка од претседателката на Комисијата, Мизрахи. 

Таа претходно на конференцијата за медиумите потенцира дека бил укинат контролниот механизам, поради што било, како што рече, загрозено уставното право на граѓаните на еднаква здравствена заштита и се создал амбиент за, како што рече, „здравствен башибозук“.

Мизрахи информира дека Анкетната комисија утврдила политичка одговорност кај екс министерот за здравство Венко Филипче, екс директорите на Онкологија, Никола Васев и Нехат Нухи, поранешната директорка на ДСЗИ Ирина Сотирова Бухова, како и поранешните директори на Фондот за здравство, Стево Крстевски и Фатон Ахмети. Таа ги прочита сите закони и подзаконски акти кои според неа, со пропуштање односно со непостапување овие лица ги прекршиле.

Мизрахи ја искритикува МАЛМЕД што на Анкетната комисија наместо документи за Онкологија им доставиле две кутии со по 1.900 страници архивски материјали за тоа како во земјава се набавувал инсулин. Таа информира дека до Владата пратиле барање за доставување документи за работат на Клиниката за онкологија, посочи дека такви материјали не доставиле од Владата. 

Мизрахи истакна дека имаат сублимат дека од страна на ЈЗУ Клиника за радиотерапија и онкологија прекршени се 37 закони и 31 законска одредба.

Таа додаде дека два месеца „дише со законите за здравствена заштита“ и благодарение на тој посветен пристап, утврдила, според законите, кој е виновен и пропуштал дејствија.

Мизрахи истакна дека не е првпат пратениците на СДСМ да бараат оставка од нејзе, бидејќи, како што рече, стои зад вистината и фактите.

Моите заклучоци не се базирани ни на политика ни на вендета. Имаше нервозна атмосфера кога ги прочитав, иако само ја следев законската патека за тоа како требало да функционира системот, а не функционирал. Денеска побараа мое разрешување заради тие заклучоци. Не е првпат. Ќе стојам зад вистината и фактите, рече Мизрахи.

Еден од  заклучоците на пратениците на СДСМ  беше да се променат законите, за што Мизрахи потенцира дека „не може да менувате закони и да тврдите дека се дефектни, а притоа воопшто не сте ги ни почитувале“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ