Одлуката, попладнево на прес-конференција, ја соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева.
„Владата го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување постапка за разрешување на Државниот јавен обвинител. Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира, а секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава. Дозволете ми да објаснам кои беа аргументите поради кои беше донесена оваа одлука. Најпрво се отвори расправата за последниот индекс на корупција, кој беше објавен денес и каде детално можеше да се види дека конкретно четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во обвинителството и судството. Дополнително последното именување за вршител на должност шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје е одлука која е незаконска, односно надвор од одредбите пропишана во Законот за јавното обвинителство“, ги наведе причините за ваквата одлука на Владата, портпаролката Митева.
Според Законот за јавно обвинителство, републичкиот обвинител го избира и разрешува Собранието, а го предлага Владата од оние кандидати за кои добила позитивно мислење од Советот на јавни обвинители.
Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година.