сабота, 19 октомври 2024

Владата бара законско решение за забрана за „снус“, никотинска „играчка“ за деца

Владата на вчерашната седница ја разгледа информацијата на Министерството за земјоделство за сè позачестената употреба на никотинските вреќички, познати како „снус“, кај децата. Неколку надлежни органи и институции, меѓу кои првенствено Министерството за здравство, добија задолженија за анализи дали овие никотински вреќички кои слободно се продаваат се безбедни за населението од здравствено токсиколошки аспект и дали производот треба да биде во слободна продажба во Македонија. Се разгледува и можноста за забрана за продажба на лица помлади од 18 години.

Објавено на

часот

Сподели

„Владата го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да формира работна група со претставници од Министерството за здравство, Министерството за економија, Министерството за финансии – Царинска управа, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство – Државен инспекторат за земјоделство и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Северна Македонија (МАЛМЕД), којашто ќе треба да изработи компаративна анализа на законодавството за проблематика во врска со никотинските вреќички во ЕУ и Западен Балкан, како и да даде предлози за изменување и дополнување на прописите во областа со којашто се регулира здравствената безбедност, прометот, даноците и акцизите за никотинските вреќички во државава, а врз основа на изготвената анализа од Министерството за здравство“, пишува во владиното соопштение.

Младите во основните и во средните училишта во земјава сѐ почесто консумираат „снус“, скандинавски производ кој содржи влажни ќесиња со прав од тутун. Ќесето со правот се става меѓу горната усна и непцето, па ослободува никотин. Има разни вкусови како вкус на ментол и „зимзелен“ вкус. Не согорува, па не е опасен за белите дробови како чадот од цигарите. Но, „снус“ содржи никотин, супстанца која создава зависност, па во прекумерни дози може да предизвика никотинско труење или инфаркт. На опаковката на „снус“ има предупредување дека производот е штетен по здравјето и дека создава зависност.

Малолетниците го консумираат со изговор дека им треба нешто за смирување и опуштање од стресот од учењето и од секојдневието. Никотинот е популарен поради никотинскиот „хај“.Според истражувањата, корисниците на „снус“ имаат поголема шанса за срцев удар, а и за рак на панкреасот, на образите и на непцата.

Една цигара содржи 1 мг никотин, а едно ќесе „снус“ содржи 6-13 мг никотин.

Во Британија, Австралија и цела ЕУ, но не и во Шведска, забранета е продажбата на „снус“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ