недела, 22 декември 2024

Влада: Формиран е Советот за управување со јавни финансии, табличките на службените возила со посебна боја

На денешната седница Владата донесе одлука за формирање на Совет за управување со јавни финансии, како највисоко координативно тело на Владата за следење на спроведувањето на реформите на управувањето со јавни финансии предвидени со Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии 2024 – 2027 година.

Објавено на

часот

Сподели

Советот ќе го сочинуваат претседател, министерот за финансии, а членови се министерот за европски прашања, министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, министерот за јавна администрација, министерот за дигитална трансформација, директорот на Царинската управа, директорот на Управата за јавни приходи, директорот на Бирото за јавни набавки, претседателот на Државната комисија за жалби по јавни набавки и главниот државен ревизор.
Основни работи на Советот се да ги презема потребните активности при остварување на реформските цели на Програмата, да го разгледува и одобрува предлог-годишниот акциски план за спроведување на Програмата, пред негово усвојување од страна на Владата, да го следи спроведувањето на Програмата и Годишниот акциски план за спроведување на Програмата во однос на утврдените резултати, показатели и таргети…
Владата усвои информација за реализација на проекти од Програмата за изградба и реконструкција на спортски објекти за 2024 година од страна на Министерството за спорт. Со информацијата се опфатени следниве проекти: изградба на спортска сала во Воена академија – Скопје (спортската сала ќе се гради во комплексот на касарната во општина Аеродром. Истата ќе биде наменета за питомците на Воената Академија. Реализацијата на истата ќе се одвива 2024 и 2025 година), проект санација на спортска сала Расадник, Општина Кисела Вода, (во соработка со општина Кисела Вода ќе се изврши реконструкција на постоечкиот објект. Од страна на општината е подготвен Проект за реконструкција на мултифункционалната спортската сала Расадник со капацитет од 1000 – 1500 гледачи), проект санација на спортска сала во УКИМ (салата е оштетена од причина што по завршување на градежните активности истата не беше приклучена на водоводната и канализационата мрежа, што претставуваше обврска на Универзитетот. Потребни се низа на санации, како поправање на фасада, менување на прозори, машинство обезбедување на опрема), проект санација на спортска сала во Општина Радовиш (СРЦ „25 Мај“ Радовиш располага со вкупна површина од 3.968 м². Самиот комплекс располага со голема сала со површина од 1.126 м² и капацитет од фиксни трибини од 1.300 гледачи, но со помош на подвижни седишта гледачкиот капацитет се движи од 1.300 до 2.600 во услови на боксерски и слични натпревари и мала сала со површина од 400,80 м² со капацитет од 160 гледачи), проект „Санација на спортска сала во Општина Ново Село, проект санација на фудбалско игралиште на ФК Тетекс, Тетово, проект санација на маалски мултинаменски игралишта, проект санација на детски игралишта со поставување на спортска опрема во градинките, проект поставување на пристапни рампи во објектите за спорт за лица со попреченост и проект изградба на атлетска патека во Општина Гевгелија,
Министерство за спорт ќе спроведе постапки за јавни набавки со цел избор на најповолен понудувач/изведувач и надзорен орган при реализација на проектите.
Оваа година за овие објекти ќе бидат наменети 35.039.500 денари.
Владата ја разгледа и усвои информација за преземените активности за раскинување на Договорот за закуп на административно – деловен простор склучен помеѓу ХЕЈ ДООЕЛ Скопје и Акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија. Овој договор кој е склучен за време на минатата влада предизвика силни контроверзни и нереални високи суми при што се споменуваа и одредени лукративни интереси. Договорот е во износ од 2,26 милиони евра во период од неколку години.
На денешната седница на Владата, на предлог на Службата за заеднички и општи работи, беше формирана комисија со цел да започне постапка за измена и дополнување на два важни закона за промоција на транспарентноста и владеењето на правото – Законот за користење и располагање со стварите во државна и стварите во општинска сопственост и Законот за возила.
Со овие измени ќе се воспостави регистар на сите државни патнички моторни возила кои ќе бидат обележани со регистарски таблици во посебна боја за полесно идентификување.
Владата донесе повеќе кадровски одлуки при што:
Абаз Селмани, го именува за Национален координатор за интеркултурализам, развој на културата и меѓуресорска соработка;
Даниела Јовчевска – Михајловска, ја именува за вршител на должноста директор на Државен испитен центар, на предлог на министерот за образование и наука;
Али Абдула, го именува за вршител на должноста заменик-директор на Државен испитен центар, на предлог на министерот за образование и наука;
Роберт Аџипетров, го именува за вршител на должноста директор на Педагошка служба, орган во состав на Министерство за образование и наука, соопшти Секторот за односи со јавноста на владата.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ