Владата, на денешната седница утврди и текст на предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање.
Измените, како што е образложено од предлагачот, Министерството за транспорт и врски, се направени во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и со нив, за прв пат во 30 години, се уредува пренамената на земјоделско земјиште. Односно, се забранува пренамена на земјоделско земјиште од 1 и 2 катастарска класа – за изградба градежни објекти, а попрецизно се уредува пренамената на земјоделско земјиште од 3 и 4 катастарска класа за ваква цел.
Со цел да се надминат правни празнини коишто претставуваат реален предизвик за демократијата и владеењето на правото, Министерството за правда ги уреди прашањата за конфискација без осудителна пресуда, односно конфискација на имот во граѓанска постапка. Предложените законски решенија, како што е посочено, се во согласност со документи подготвени од странски и домашни експерти, преку проект на Советот на Европа, а во коишто се оценува дека секое спречување на ланецот на користење имот и имотна корист од кривично дело, за кое има или нема правосилна судска одлука, значи поголем успех на државата да го заштити доброто на заедницата и на поединецот од организираниот криминал и корупција и нечесно стекнување на имот, соопшти Владата.