понеделник, 30 септември 2024

ВИП патник шверцувал мобилни телефони, Царината заплени и лекови, уметнички слики, девизи…

Во текот на минатата недела, царинските службеници откриле повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани рачни часовници, мобилни телефони, девизи, лекови, козметички производи, цигари…, информираат денеска од Царинската управа.

Објавено на

часот

Сподели

Запленети биле пет мобилни телефони ајфон 16, откриени на Меѓународниот аеродром – Скопје, при контрола на патните торби на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул.

„На прашање на царинските службеници, дали има нешто за пријавување за царинска контрола, патникот, кој се пријавил за влез во државата на ВИП-терминалот, одговорил дека носи само слатки за децата. Сепак, била извршена контрола на неговите патни куфери, при што, биле пронајдени мобилните телефони. Непријавените телефони биле привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка“, информираат од Царина.

На меѓународниот аеродром – Скопје, царинските службеници при контрола на патните торби на македонска државјанка која имала намера да отпатува со лет за Милано, откриле четири рачни часовници од марката ролекс. Откако била извршена контрола на багажот, во внатрешноста на ранецот на патничката биле пронајдени часовниците. Непријавените часовници се привремено задржани, а против патничката ќе биде поведена соодветна постапка, се наведува во соопштението на Царинската управа.

Во три одвоени случаи пак, од страна на мобилните царински тимови, кај тројца македонски државјани, пријавени за излез од државата на граничниот премин Табановце – автопат биле откиени 16.250 евра.

„Во првиот случај, во паричник на патник во автобус со македонски регистарски таблички, биле пронајдени 8.300 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 6.300 евра биле привремено задржани. Во вториот случај, во џеб од панталоните на возачот на автомобил со македонски регистарски таблички, биле пронајдени 7.850 евра за кои не поседувал документ за потекло. На патникот му биле вратени 2.000 евра, а 5.850 евра биле привремено задржани. Во третиот случај, во преден џеб од фармерките на возачот на автомобил со македонски регистарски таблички како и во преградата пред совозачкото седиште, биле пронајдени вкупно 6.100 евра за кои не поседувал документ за потекло. И нему му биле вратени 2.000 евра, а 4.100 евра биле привремено задржани. Во сите три случаи, против патниците ќе бидат поведени прекршочни пријави“, се појаснува во соопштението.

Мината недела Царината запленила и 20.184 таблети, 2.880 капсули 159 инјекции, 35 пакувања креми, 12 туби гел, 37 спрејови, 36 ампули, 28 пакувања сирупи и 14 лосиони.

„Лековите биле откриени при контрола на автобус со турски регистарски таблички, што сообраќал на релација Истанбул – Призрен, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. При контрола на автобусот, во фабричката празнина под резервоарот, биле пронајдени непријавените лекови. Истите се привремено задржани, а против водичот, косовски државјанин кој се пријавил како сопственик на лековите, ќе биде поведена соодветна постапка“, информира Царинската управа.

Запленети биле и уметнички слики. Станува збор за 16 уметнички слики, масло на платно, без потпис од авторот и без рамка, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. На прашање на царинските службеници  дали има да пријави нешто за царина, возачот одговорил негативно. Сепак бил извршен преглед на возилото, при што во багажниот простор биле пронајдени сликите завиткани во картонска ролна. Непријавените слики биле привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Запленета е и друга стока.

„На граничниот премин Табановце – автопат запленети се 480 парчиња мамки за риболов и 980 држачи за трски за риболов, откриени од страна на службата со мобилен скенер, при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, пријавено за влез во државата . Непријавените производи биле пронајдени во кутии сместени на креветот во кабината на возилото. Истите се привремено задржани, а против возачот, македонски државјнин, ќе биде поведена прекршочна постапка. Три употребувани технички производи, еден употребуван моторцикл и еден нов пневматик, при контрола на товарно возило за транспорт на возила со словенечки регистарски таблички. При контрола, во внатрешноста на едно од натоварените возила биле пронајдени еден употребуван компресор за перење возила, две употребувани автоматски правосмукалки и еден употрбуван миникрос моторцикл и еден нов пневматик за моторцикл. Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка. Потоа, 278 порцелански плочки за гравирање со разни димензии, откриени при контрола на товарно возило со српски регистарски таблички управувано од српски државјанин, пријавен за влез во државата. При контрола на возилото, помеѓу седиштата биле пронајдени три пакети со порцелански плочки. Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка“, се додава во соопштението.

На истиот граничен премин биле запленети и 203 парчиња облека – маици, хеланки, тренерки, блузи, кошули, елеци, чорапи и друго, 21 пара спортски обувки и 16 ранци, откриени при контрола на товарно возило со бугарски регистарски таблички управувано од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Непријавените производи, пронајдени над горниот кревет во кабината на камионот, биле привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна пријава. Исто така, запленети биле и 1.941 парче козметички производи, при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин. При контрола на возилото во 11 пакети сместени на креветот и позади совозачкото седиште, биле пронајдени 1.851 крема за лице против флеки и пеги, 30 креми за лице против стареење и 30 руменила за усни. Непријавените производи биле привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

„Царината откри и 12 штеки цигари без акцизни маркички, откриени при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, пријавено за влез во државата на граничниот премин Богородица. Возилото било натоварено со хартија наменета за увозник од Радовиш. При контрола на товарот, покрај пријавената стока биле пронајдени и шест штеки цигари марлборо и шест штеки цигари ледер, за кои возачот, македонски државјанин, изјавил дека ги набавил во фри-шоп. Непријавените цигари биле привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка“, наведуваат од Царина.

Минатата недела биле запленети и производи за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост.

„1.183 детски собни влечки со ознаки на заштитена трговска марка. При контрола на стока од испраќач од Турција, наменета за фирма од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 3. Потоа, 1.536 детски чизми со ознака на заштитена трговска марка, откриени при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, пријавено за влез во државата на граничниот премин Богородица. Возилото било натоварено со стока од испраќач од Грција, наменета за фирма од Косово. Во двата случи, производите се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи, ќе бидат поведени постапки за утврдување на нивната оригиналност“, се појаснува во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ