Со ваков непоколеблив став Ненад Коциќ, претседателот на еколошкото друштво „Вила Зора“, реагира по информациите дека Министерството за животна средина го одобрило писмото за намери на компанијата „Метрудхем“ за рестартирање на велешката топилница. Денеска се очекува да ѝ биде доставен обемот на студијата за оценување на влијанието врз животната средина, кое „Метрудхем“ треба да го изработи.
Компанијата тврди дека сè уште не добиле официјално известување од Министерството за животна средина и просторно планирање во врска со надополнувањето на писмото за намера. Во очекување се, како што велат, надлежните официјално да се изјаснат за одредување на обемот на студијата за да можеме да ги преземат следните чекори.
Процедурата трае најмалку 260 дена од доставувањето писмо за намери.
„Метрудхем“ тврди дека студијата ќе ја предадат во моментот кога во целост ќе одговара на пропишаните барања одредени од ресорното Министерство и на стандардите за заштита на животната средина. Јавноста и стручњаците ќе имаат увид во студијата што ќе биде поставена на интернет-страницата на Министерството.
„Предложените решенија во студијата вклучуваат врвна технологија што ќе ги исполни сите еколошки стандарди и ќе ја заштити човековата средина и здравјето на луѓето. Само со тие решенија оваа инвестиција може да се реализира и да биде безбедна“, уверува „Метрудхем“.
Со граѓанска непослушност во одбрана на Велес
На последниот протест пред два месеца зелените добија масовна поддршка од граѓаните. Во еколошкото востание се приклучија и лекарите и спортистите, а поддршка имаше од претседателот Ѓорге Иванов, како и од премиерот Никола Груевски.
По поддршката од Иванов и Груевски претседателот на „Вила Зора“ вели дека не верува дека кој било државен орган ќе се осмели да постапи поинаку и да дозволи рестартирање на топилницата.
„Нашиот став е јасен. Не ја сакаме топилницата во никаква форма, не прифаќаме рестартирање, ниту пак ќе дозволиме да се премести на нова локација близу Велес. Со топилницата завршивме уште пред осум години, кога престана да работи. Таа беше најголемиот убиец на велешани. Ако сме граѓанско општество, бараме да се почитува ставот на граѓаните. Ако, пак, се постапи поинаку, тогаш ќе го браниме Велес, но не само со протести“, категоричен е Коциќ, кој не ја исклучува можноста по сите реакции и апели градот од загадување да го бранат и со граѓанска непослушност.
Со став дека зелената коалиција нема да дозволи рестартирање на топилницата и со очекување дека државата нема да отстапи од ветувањата дадени во ноември се и во Здружението на родители за грижа за здраво поколение.
„Еднаш кажавме, не знам што треба да направиме за да разберат дека во Велес нема место за топилницата. Кога беа протестите во ноември, министерот за екологија ни објасни дека ако „Метрудхем“ достави барање, ќе мора да го примат и во период од шест месеци до две години да се изјаснат. Така што не нè изненадува тоа што било доставено писмото за намери. По сите ветувања што ги добивме дека топилницата нема повеќе да го труе Велес не би требало да биде поинаку. Но големи пари се во игра и сè може да се случи. Оттаму, треба да се договориме со сите во зелената коалиција кои ќе бидат нашите идни чекори“, вели Иванка Андова, претседателка на Здружението на родители за грижа на здраво поколение.
Иванов: Должни сме да ја спроведеме процедурата
Директорот на управата за животна средина, Филип Иванов, по реакциите на зелените објаснува дека станува збор за спроведување на редовна и законска процедура, која мора да се почитува.
„Должни сме да ја спроведеме процедурата. Во спротивно, инвеститорот може да нè тужи. Во законот нема опција за неспроведување на процедурата. И да го одбиеме барањето на инвеститорот, тоа мора да се направи преку законски регулирана постапка. Не паметам колку пати досега сум го објаснувал ова и не ми е јасно зошто се сега ваквите реакции“, вели Иванов.
Тој објаснува дека во студијата од „Метрудхем“ ќе бараат неколку аспекти – каква технологија би се употребила во производството, потоа колкава би била емисијата на гасови и степенот на загадување. Ќе се бара инвеститорот да претстави и алтернативни решенија – што ќе се случи ако се гради на сегашната локација, а што ако се гради на друга локација. Во случај инвеститорот да добие позитивно мислење за студијата, за да го почне производството, ќе треба претходно да добие и интегрирана еколошка дозвола.
Сто милиони долари за еколошки филтри
Во топилницата ќе бидат вложени 150 милиони долари, од кои 100 милиони ќе биле за еколошки филтри што ќе го спречуваат загадувањето. Технологијата што ќе се користи, како што неодамна изјави Александар Билбилов, портпарол на компанијата, е признаена од Светската здравствена организација, се користи во Европската Унија и е во целост безбедна. Компанијата планира да вработи 1.200 луѓе. Производството ќе биде извозно ориентирано и ќе се реализира обрт од над 300 милиони евра годишно.
„Тоа позитивно ќе влијае на дефицитот, а буџетот на општината Велес и Градско ќе се полни. Економскиот стимул кој оваа компанија може да го произведе ќе влијае позитивно на сродни сектори во државата како рударството, транспортот и земјоделството“, велат во компанијата.
Топилницата во сопственост на „Метрудхем“ е од 2009 година.
Стојанка Митреска