Од таму потенцираат дека достигнувањето на 150.000 статии е голем успех за Википедија на македонски јазик, но и за македонското дигитално општество во целина. Оваа платформа претставува доказ дека македонскиот јазик има свое значајно место во светската мрежа на информации. Воедно, најавија дека со постојан труд, посветеност и ентузијазам, Википедија на македонски јазик ќе продолжи да се развива и да биде скапоцен извор на знаење за сегашните и идните генерации.
Додаваат дека во ера на дигитализација, пристапот до релевантни и точни информации на македонски јазик е клучен. Википедија овозможува слободен пристап до знаење за секого, без оглед на возраста, локацијата или образованието. Со тоа, таа игра важна улога во образованието, научните истражувања, новинарството и секојдневното информирање на македонските граѓани.
„Википедија на македонски јазик придонесува за зачувување и промовирање на македонскиот јазик во дигиталниот простор. Преку статии за историјата, јазикот, културата и обичаите на Македонија, оваа енциклопедија служи како дигитална архива на националното наследство.Со 150.000 статии зад себе, Википедија на македонски јазик не застанува тука. Предизвикот е да се подобри квалитетот на постоечките статии, да се збогати содржината со релевантни извори, фотографии и мултимедијални материјали, како и да се привлечат нови уредници кои ќе помогнат во нејзиниот понатамошен развој. Секој поединец може да стане дел од овој проект – Википедија е отворена за сите кои сакаат да придонесат кон глобалната заедница на знаење. Со поголема ангажираност од образовните институции, медиумите и истражувачките центри, македонската Википедија може да продолжи да расте и да стане уште поквалитетен извор на информации“, најави Велковски.
Од Викимедија МКД информираат дека Википедија овозможува бесплатен пристап до енциклопедиски содржини на 340 јазици. Првата јазична верзија е Википедија на англиски јазик и основана е на 15 јануари 2001 година. Основачи на најпозната енциклопедија и креатори на идејата се Џими Велс и Лери Сангер, кои со здружени сили ја започнале работата, првично само на англиски јазик. Македонската јазична верзија на Википедија е основана во септември 2003 година и е во постојан раст, квантитативно и квалитативно.