недела, 23 февруари 2025

Виенската конвенција нуди правна основа за раскинување на билатералните договори на Македонија, но одлуката е – политичка

Договорите се за да се одржуваат – гласи слободниот превод на латинската максима „pacta sunt servantа“, на која се повикуваат Грција, Бугарија и ЕУ, кога сакаат да ја потсетат Македонија дека една нејзина влада, во нејзино име потпишала Конечна спогодба или т.н. Преспански договор со Грција и Договор за соработка и пријателство со Бугарија.

Објавено на

часот

Сподели

Без оглед што граѓаните на Македонија не беа консултирани за одлуката за Договорот со Бугарија, а за оној со Грција не беше постигнато ни потребното мнозинство за да се донесе одлука на референдум – вторите (па и третите) страни во истите тие договори бараат македонската држава најдоследно да се придржува до договорите, иако ни грчката, ни бугарската држава не гледаат причина зошто тие би спроведувале реципрочно малиот дел од обврските што ги добија со истите договори.

Асиметричноста на двата договора од самото нивно потпишување логично ја наведува македонската страна на барање излезно решение за правичност и рамноправност според принципите на меѓународното право. Уште во 2019 година, веднаш по усвојување на Преспанскиот договор во македонското Собрание, професорот Френсис Ентони Бојл, тогаш  предавач по меѓународно право на универзитетот Илиноис во САД, како правна опција за негово раскинување ја посочи Виенската конвенција за договорно право.

„ Имајќи ги предвид сите правни и политички контроверзии, кои го следеа Преспанскиот договор во Република Македонија, од неговото потпишување, преку неуспешниот референдум, начинот на кој е постигнато двотретинското мнозинство во парламентот и начинот на промулгација на Законот за ратификација на договорот, сметам дека може да се искористи членот 46 од Виенската конвенција за да се оспори договорот. Во одделот 2 (Ништовност на договорите), членот 46 гласи: 1. Државата не може да се повикува на фактот дека нејзината согласност да биде обврзана со договорот изразена со прекршување на некоја одредба од нејзиното внатрешно право во врска со надлежноста за склучување договори како на причина за поништување на нејзината согласност, освен ако тоа кршење не било манифестно/очигледно и се однесувало на некое правило од нејзиното внатрешно право со фундаментално значење. 2. Кршењето се смета за очигледно ако е објективно јасно за секоја држава, која во врска со тоа се однесува во согласност со вообичаената практика и во добра верба. Значи, ги нагласувам делот на евидентноста на кршењето на внатрешното право и тоа во врска со одредби од фундаментално значење! Во конкретниот случај, јасно е дека повредите на националното право во Македонија биле ‘евидентни/видливи’ за Грција. А повредите на вашиот устав секако претставуваат ‘одредби со фундаментално значење’. Така, како прелиминарна оцена, и без продлабочено анализирање на спецификите на вашиот случај, веднаш ми се наметнува заклучокот дека некоја идна влада би можела да го поништи договорот врз оваа правна основа,а во контекст на Виенската конвенција. Верувам дека ова е добар аргумент од кој може да се почне анализата на слабостите вградени во овој договорен однос. Верувам дека анализата би покажала и други можни правни основи за поништување на договорот, но за почеток би тргнал од оваа одредба. Важно е дека и Македонија и Грција се држави-потписнички на Виенската конвенција и се должни да ја почитуваат, напиша професорот Бојл во 2019 година.

Што претставува Виенската конвенција во меѓународното право

Виенската конвенција за правото на договори – ВКПД (VCLT) е меѓународен договор кој ги регулира договорите меѓу суверените држави.

Познат како „договор за договори“, ВКПД воспоставува сеопфатни, оперативни насоки, правила и процедури за тоа како се подготвуваат, дефинираат, изменуваат и толкуваат договорите. Меѓународен договор е писмен договор меѓу земји кои подлежат на меѓународното право, кој ја пропишува нивната согласност за создавање, измена или престанок на нивните права и обврски, како што е наведено во договорот.

Виенската конвенција за правото на договори беше усвоена и отворена за потпишување на 23 мај 1969 година, стапи во сила на 27 јануари 1980 година, и беше ратификувана од 116 суверени држави до јануари 2018 година. Страните кои не го ратификуваа, како што се САД, признаа делови од ВКПД како повторно излагање на обичајното меѓународно право. Во договорното право, ВКПД е орган за решавање на спорови за толкување на договор.

Како што наведува професорот Бојл во 2019 година, кога Преспанскиот договор уште беше „свеж“, и Македонија, и Грција се потписнички на Виенската конвенција, што значи дека и двете држави се подеднакво обврзани да ги почитуваат меѓународните договори.

Според кои одредби од Виенската конвенција можат да престанат договорите  

Основниот предуслов според Виенската конвенција за договорно право е дека меѓународните договори мора да се склучуваат со добра волја. Доколку се работи за принуда, поткуп или надворешен притисок, договорот може да се смета за неважечки.

Според меѓународното право, договорите можат да бидат поништени или повлечени доколку се потпишани под принуда, измама или погрешно претставување. Доколку договор се наметне без добра волја, тој нема обврзувачко правно дејство и може да биде оспорен.

Одредбите во кои се предвидени условите за раскинување на договорите, главно се наведени во членовите од 50 до 53 во Виенската конвенција, од кои членот 53 се однесува на договори кои се во судир со императивната норма на општото меѓународно право, позната како јус когенс  (jus cogens).

„За целите на оваа конвенција, императивна норма на општото меѓународно право е нормата што ја прифатила и признала целокупната меѓународна заедница на држави, како норма од која не е дозволено никакво отстапување и која не може да се измени со нова норма од општото меѓународно право со ист карактер“, се наведува во членот 53 на ВКДП.

Македонија треба сериозно да ги проучи можностите на Виенската конвенција и да ги предвиди последиците

Седум години по потпишувањето на Преспанскиот договор и осум години од оној за „добрососедство и пријателство“ со Бугарија, се покажа дека овие договори само делумно ги исполнија целите за кои беа наменети, а тоа се членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Напротив, освен решението за долгогодишниот проблем – членството на Македонија во НАТО, овие договори се покажаа како основа за генерирање нови пречки и стапици на евроинтегративниот пат на земјава, сериозно загрозувајќи ги оние императивни норми ( основни човекови права), наведени како „јус когенс“  во членот 53 на Виенската конвенција.

По толку изминат период во кој меѓународните (билатерални) договори што Македонија ги потпиша со своите соседи, а се покажаа како спротивни на принципот на добронамерност, се наметнува прашањето дали ги користиме можностите што ни ги дава Виенската конвенција. Професорката по меѓународни односи и медијација, Ида Мантон укажува дека договорите на Македонија со Бугарија и Грција се билатерални договори кои во голема мера не се во согласност со правните начела кои ги регулираат меѓународните односи.

Виенската конвенција за меѓународни договори од 1969 почива на фундаменталното начело дека меѓународните договори се извор на меѓународно право и начин да се развива мирољубива соработка меѓу нациите независно од нивното уставно и социјално уредување. Проблемот е што ние зборуваме за билатерални договори кои во голема мера не се во согласност со правните начела кои ги регулираат меѓународните односи.

Виенската конвенција дава простор за да се раскинат договорите, но одлуката е политичка – не правна. Инсистирањето на ЕУ дека нема друг пат, туку дека мора да се следи францускиот предлог, е исто така политичка флоскула и нема никаква правна основа. Како што имаше португалски и француски, можеше да има и чешки и унгарски предлог, но ниеден од нив не е зацртан во камен. Претпристапните процеси се во Копенхашките критериуми, не во билатерални политизирани ад хокрешенија. Во вакво време на менување на светскиот поредок, на општо непочитување на фундаментите на меѓународните договори, на политики базирани на национални интереси и профит, на популистички наративи базирани на дезинформации и најважно време кога либерално-демократскиот дефицит произведе штетни компромисни решенија, би сакала да верувам дека Македонија ќе успее да ја убеди Европа дека раскинувањето на ваквите договори е заради заштита на европското ткиво на принципипиелност и доследност со своите начела. Оваа македонска влада може да ги раскине договорите и од други побуди, но се надевам дека правните аргументи ќе им бидат во духот на гореспоменатата конвенција и ќе имаат доблест да ги следат правно пропишаните процеси и ќе воспостават инклузивен општествен дијалог, за да се избегнат конфронтации и недоследности, вели Ида Мантон, професорка по меѓународни односи и медијација.

Виенската конвенција на државите им нуди правна основа за раскинување на договорите кои се покажале како штетни, но како што истакнуваат експертите, одлуката за посегнување по можностите на овој инструмент на меѓународното право е сепак – политичка. А при преземањето политичките одлуки, секогаш треба да се предвидат придобивките и последиците од нив.

Последиците може да бидат огромни, но во период на тектонски промени многу е тешко да се предвидат конечните исходи. Јас сакам да верувам дека нема да реагираме избрзано, непромислено, водени од гнев или инает, туку дека ќе се екипираме и ќе останеме доследни на заветите кои во аманет ни ги оставиле многумината кои ги положиле животите за да имаме своја држава, јазик и идентитет. За наша среќа, ние се темелиме на АСНОМ, Крушево, на мултиетичност и разбирање, соработка и дијалог и во тој дух треба да се заштитуваме од сите закани кои за жал не доаѓаат од џунглата на Борел, туку од периферијата на европската градина’ “, вели професорката Мантон, алудирајќи на изјавата на поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел дека „ЕУ е градина, а остатокот од светот – џунгла“.

Јасминка Павловска

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ