„Почитувани соседи, раководството на Република Вевчани на вчерашната вонредна седница расправаше во врска со последните настани и реакциите од ваша страна за содржината на вечниот Вевчански карневал, при што ги донесе следните одлуки:
Република Вевчани е подготвена ВЕДНАШ на највисоко ниво да почне разговори со вашата земја, со која би ги решиле заемните недоразбирања.
Република Вевчани е спремна да посредува како трета страна во решавањето на вашиот проблем со Република Македонија.
Доколку се согласите со нашата иницијатива, во блиска иднина спремни сме да го поканиме и посредникот Нимиц да ја посети Република Вевчани и заеднички да ги разгледаме понатамошните чекори за излез од настанатата криза.
Се разбира, сето ова е можно доколку се обврзете и дадете цврсти гаранции дека на следниот самит на НАТО нема да го блокирате приемот на Република Македонија во Алијансата“, пишува во писмото.