сабота, 27 јули 2024
Археологијата и технологијата

Вештачката интелигенција доведе до откривање на првиот збор во древните свитоци

Кога вулканот Везув еруптирал во 79 пред новата ера, биле уништени античките римски градови Помпеја и Херкуланум, во денешна Италија.

Објавено на

часот

Сподели

Стотици древни свитоци, или документи напишани на папирус, биле закопани и јагленосани.

Речиси 2.000 години, овие древни свитоци останале под 20 метри вулканска кал, пепел и пемза (вулканска шуплива карпа).

Тие биле чувани во вила за која се верува дека некогаш му припаѓала на тестот на Јулиј Цезар, познатиот римски генерал и државник, кој станал диктатор пред да му биде извршен атентат.

Кога античките остатоци од Помпеја конечно биле ископани во 18 век, биле пронајдени повеќе од 600 сè уште замотани свитоци од папирус.

Нив ги зачувала вулканската ерупција, но во исто време биле толку кревки што би се распаднале во прав кога погрешно би се постапувало со нив.

Стотици години остана предизвикот како да се читаат свитоците без да се одмотаат и да се оштетат.

Во март оваа година беше покренат Предизвикот Везув, натпревар за компјутерско и машинско учење за читање на овие свитоци од Херкуланум.

Универзитетот во Кентаки регрутираше научници да користат вештачка интелигенција за да ги дешифрираат зборовите од рендгенските снимки на неодмотаните свитоци.

Тие снимки се направени во 2019 година од професорот Брент Силс од универзитетската ЕдјусЛаб, кога ги скенирал свитоците од Херкуланум во забрзувач на честички, генерирајќи 3Д КТ скенови со многу висока резолуција.

Лук Фаритор, 21-годишен студент по компјутерски науки од Универзитетот во Небраска-Линколн, беше првиот човек што прочита збор од свиток од Херкуланум и за тоа освои 40.000 долари.

Тој создал програма за вештачка интелигенција за откривање јагленисани древни букви напишани на папирус и успеал да открие десетина од нив.

Помеѓу овие букви, папиролозите – научници кои се специјализирани за дела на папирус – подоцна успеале да го идентификуваат зборот πορφυρας, или порфирас, старогрчкиот збор за виолетово.

За да ја добие наградата, тој морал да најде најмалку 10 букви на површина од четири квадратни сантиметри од свитокот.

„Ги видов тие букви и комплетно се избезумив“, рече тој на прес-конференцијата на која го објави откритието.

„Се избезумив, за малку ќе паднев, малку фалеше да заплачам.“

Набргу по Фаритор, друг натпреварувач, Јусуф Нејдер, египетски постдипломец по биороботика во Берлин, самостојно го открил истиот збор во истото поле, со уште појасни резултати – освојувајќи ја втората награда од 10.000 долари.

Уште една награда од 10.000 долари му беше доделена на Кејси Хендмер, кој беше првиот што откри мастило и повеќе букви во неотворен свиток.

Неговата работа послужила како основа за програмата за вештачка интелигенција на Лук Фаритор.

Откривањето на првиот збор на антички свиток од Херкуланум се смета за вовед во револуција во областа на папирологијата.

„Ова е сон на многу луѓе откако свитоците првпат беа откриени во 1750-тите“, напиша Нет Фридман, иницијатор и спонзор на Предизвикот Везув, на социјалната мрежа Х.

На прес-конференцијата на која го објави првиот збор што некогаш бил дешифриран од древните свитоци, професорот Бренес Силс рече дека свитоците се „нешто за што луѓето велеа дека никогаш не може да се прочита бидејќи е премногу тешко да се извлече текстот од нив“.

„А сепак ние денес зборуваме токму за тоа“, додаде тој.

Истражувачите велат дека најголемото откритие е тоа што со помош на модерната технологија секој, каде било ќе може да ги чита свитоците.

Предизвикот Везув сè уште нуди главна награда од 700.000 долари за првиот тим што ќе прочита четири параграфи текст од два нечепнати свитоци.

Научниците се надеваат дека ќе откријат повеќе вредни информации за тоа како сме живееле пред илјадници години.

Светот беше вчудовиден кога ги виде велелепните јавни згради и раскошни вили кога беа откриени урнатините на Помпеја и Херкуланеум во 18 век.

Зачувани се и останките на луѓе, кои или се криеле од ерупцијата или се обидувале да побегнат од неа – пронајдени се и пекарници со лебовите сѐ уште во печката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ