Разговорот на шефот на украинската држава и претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп со нетрпение беше очекуван во Киев по шокот предизвикан од телефонскиот разговор на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин оваа недела.
Од состанокот на Венс и Зеленски кој траел околу 40 минути нема некои поголеми објави за тоа како се планира излегување од најтешкиот конфликт во Европа од Втората светска војна.
Венс кажал дека американската влада е посветена на постигнување траен мир меѓу Украина и Русија.
„Всушност основната цел, како што кажа претседателот Трамп, е дека сакаме војната побрзо да заврши. Сакаме да престане убивањето. Не некаков мир по кој ќе продолжи конфликтот во источна Европа по само неколку години“, кажа Венс по состанокот.
Украинскиот претседател на социјалната мрежа Икс напиша дека се „спремни да напредуваат најбрзо што може кон вистински и гарантиран мир“ и ја поздрави „решителноста“ на Трамп кој, како што додаде, „може да придонесе на завршување на војната“.
Пред светската дипломатска и одбранбена елита во Минхен украинскиот претседател ги постави своите услови за дијалог со Москва.
„Ќе се сретнам со Русите, со само еден Русин, со Путин, но само кога ќе имаме заеднички план со Трамп, со Европа“, кажа Зеленски.
Трамп претходно кажа дека во овој момент нема „спремен план“ за сопирање на војната.