Дебатата, која нашироко се смета за клучен момент во претседателската кампања, ќе се одржи во Филаделфија на Еј-би-си њуз во живо и ќе ја водат двајца водители, Дејвид Мјуир и Линдзи Дејвис.
Како републикански кандидат, Трамп веќе беше претседател на САД од 2016 до 2020 година, кога беше поразен на изборите од актуелниот американски претседател Џозеф Бајден од Демократската партија.
Доколку победи на изборите закажани за 5 ноември 2024 година, Трамп повторно ќе стане претседател на САД и ќе остане на функцијата до следните избори во 2028 година.
Ако, пак, победи Камала Харис – во моментов потпретседателка на САД, таа ќе стане првата жена што ја извршува функцијата шеф на државата од основањето на САД, на крајот на осумнаесеттиот век.
Џозеф Бајден (81) сакаше втор претседателски мандат, но се најде под критики од сопствената партија и од американската јавност поради многу слабите перформанси во телевизиската дебата со Трамп на 27 јуни, по што беа покренати прашања дали тој може да продолжи да служи како претседател уште четири години поради неговата возраст.
Неколку недели по дебатата, Бајден се повлече од трката за кандидатура и како нов кандидат на Демократската партија ја предложи својата потпретседателка Камала Харис, зад која партијата набргу се обедини.
Овој чин ги осоколи демократите, а претходното водство на Трамп пред Бајден во анкетите на јавното мислење се стопи.
Исходот од изборното одмерување на Трамп со Камала Харис е тешко да се предвиди бидејќи, како што покажуваат анкетите, нивните шанси се еднакви.
Гласот на Америка посочува дека двајцата кандидати никогаш не се сретнале, ниту разговарале по телефон.
ТВ-дуелот на Еј-би-си ќе им биде прва средба во живо. Тие ќе стојат на кратко растојание еден од друг зад говорниците во Националниот уставен центар во Филаделфија.
Нивната дискусија ќе трае 90 минути, а разговорот ќе го насочуваат водителите.
Дебатата е закажана осум недели пред официјалниот изборен ден, 5 ноември, но и само неколку дена пред почетокот на предвременото гласање во некои од 50-те сојузни држави на САД.