Во штотуку објавениот документ насловен „Antiqua et nova“, Ватикан ја испитува врската помеѓу човечката и машинската интелигенција, предупредувајќи дека измамничката дигитална содржина може „постепено да ги поткопа темелите на општеството“.
Се искажува загриженост за способноста на напредните системи да генерираат манипулирани слики и видеа што многу наликуваат на реалноста. Документот предупредува дека дезинформациите, дури и кога се шират ненамерно, може да поттикнат политичка поларизација и социјални немири. „Ова прашање бара внимателна регулација, бидејќи дезинформациите – особено преку медиумите под контрола или под влијание на вештачката интелигенција – може да се шират ненамерно“, се наведува во него.
Текстот, исто така, ги признава придобивките од технолошкиот напредок, но предупредува на етичките ризици. „Кога се користат на начини што го почитуваат човечкото достоинство и ја промовираат благосостојбата на поединците и заедниците, тие можат позитивно да придонесат за човечката вокација. Сепак, како и во сите области каде што луѓето се повикани да донесуваат одлуки, тука исто така демне сенката на злото“, пишува Antiqua et nova.
Ватикан ги повика владите и меѓународните организации да спроведат заштитни мерки против злоупотреба на технологијата, додавајќи дека таа мора да му служи на човештвото и да не ја замени човечката интелигенција.
Папата Франциско претходно изрази загриженост за овие случувања. Во пораката до Светскиот економски форум во Давос тој предупреди дека автоматизираните системи може да ја влошат „кризата на вистината“ со генерирање содржина што не се разликува од материјалот создаден од човекот. Вештачката интелигенција беше главна тема на Давос оваа година, а многу технолошки фирми ги промовираа своите производи на форумот.
Освен на дезинформациите, „Antiqua et nova“ се осврнува на етичките импликации во секторите како што се трудот, здравството и образованието. Исто така, ги истакнува опасностите од војувањето, особено развојот на автоматизирано оружје. Во документот се нагласува дека одлуките за живот и смрт никогаш не треба да им се оставаат на машините.