сабота, 27 јули 2024

Вашингтон пост: Протечените документи откриваат дека Украинците наскоро би можеле да останат без муниција

Објавено на

часот

Сподели

Објавените документи изнесуваат исклучително детални информации за состојбата на украинскиот фронт на крајот на февруари и почетокот на март оваа година, во моментот кога генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека количеството муниција кое Украина го троши е „многу пати поголемо“ од она кое нејзините донатори го произведуваат.

Украинските западни сојузници веќе некое време се обидуваат да најдат дополнителна муниција, барајќи ја од Јужна Кореја до Источна Европа и централна Азија, наведува вашингтонскиот весник. Тие се обидуваат и да го зголемат домашното производство, неколку недели пред најавената украинска офанзива.

Недостигот од противвоздушни системи исто така претставува голем проблем за Киев. Во еден од американските документи пишува дека „способноста на Украина да користи ПВО со среден дострел може да издржи уште два или три брана руски напади“, наведува Вашингтон пост.

Станува збор за документи наменети за највисоките функционери на Пентагон, како и за уште стотина други вработени во американското министерство за одбрана. Министерството за правда истражува како тие документи стигнале во јавност.

По таа мрачна проценка, и сè уште соочени со опасноста во која се наоѓа Украина, САД и сојузниците од НАТО на владата во Киев ѝ доставиле одреден број системи за противвоздушна одбрана.

Истекувањето на информациите предизвика гнев кај украинскиот воен и политички врв, кој се обидува да ја прикрие лошата состојба во која се наоѓа нивната војска кога станува збор за муницијата, наведува Вашингтон пост. Еден неименуван функционер „покажал загриженост дека во иднина би можело да има нови протекувања на информации“.

Многу западни функционери ја опишаа најавена украинска офанзива како „клучен момент“ кој би можел да го одреди продолжението на конфликтот во таа земја.

Иако Пентагон тврди дека на Украина ѝ испраќаат „сè што ќе им притреба“, протечените документи покажуваат дека ситуацијата на теренот е драстично поинаква. Тие покажуваат дека ПВО системите кои Киев ги добил од Западот се малку, како и дека често не се во состојба да им се спротивстават на руските ракетни напади.

Документите откриваат дека украинските системи СА-11 би можеле да останат без муниција до 13 април, системите од американско производство НАСМАС до 15 април, а системите СА-8С до мај годинава. Во нив на Украина ѝ се препорачува „приоритетот да се стави на гаѓањето руски авиони и хеликоптери“, додека муницијата би требало да се троши кога станува збор за дронови.

Портпаролот на украинската авијација полковникот Јуриј Игњат призна дека неговата земја има ограничени резерви на муниција од советско производство, како и дека муницијата која се произведува во Русија „порано или подоцна ќе заврши“.

Додека противвоздушната одбрана од двете страни ја ограничила употребата на воздушните сили во конфликтот, документите ги откриваат последиците на потенцијалното украинско губење на муницијата.

Според наведените информации, руските авиони би можеле послободно да се движат и да спроведуваат напади, нивните ракетни напади би биле подиректни, а авионите би имале позначајна улога во нападите на трупите при контраофанзивите, наведува Вашингтон пост.

Накратко, доколку Украина остане без муниција за противвоздушните системи, руската авијација би можела лесно да воспостави целосна воздушна супериорност.

„Документите го илустрираат и значењето на противвоздушната одбрана, како и фактот дека ја нема доволно“, вели директорот на проектот за одбрана од ракети во Центарот за стратегиски и меѓународни студии Том Карако за Вашингтон пост.

„Тоа е секогаш ограничено. Во некои аспекти, неверојатно е што Украинците имаа доволно капацитети да се одржат до сега. Воздушната одбрана не може да победи во овој конфликт. Но нејзиното отсуство би можело да значи пораз“, вели Карако.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ