Зеленски во разговорот со британскиот новинар Пирс Морган објавен на почетокот на неделата побара Западот да испрати војска во Украина и „да ѝ го врати нуклеарното оружје“ како гаранција на безбедноста, ако веќе не планира да го прими Киев во НАТО.
„Шансите тие да го вратат тоа нуклеарно оружје се рамни на нула“, изјави Келог за Фокс њуз. „Да бидеме фер, и вие и јас знаеме дека тоа нема да се случи“.
„Тоа е прашање на здравиот разум“, додаде американскиот генерал во пензија.
Киев со години тврди дека Украина се откажала од нуклеарното вооружување преку Будимпештанскиот меморандум, кој во 1994 година го потпишаа САД и Русија. Москва тврди дека целото советско нуклеарно оружје според правото на сукцесија ѝ припаѓало на Москва, така што Украина никогаш го немала.
Келог ќе учествува на Минхенската безбедносна конференција од 14 до 16 февруари и таму ќе разговара со сојузниците на САД за нивните планови за воена помош на Украина и евентуалните преговори со Русија.
„Тоа е една од причините што одам во Европа следната недела, да се видиме лице во лице“, кажа Келог за Фокс, додавајќи дека тогаш ќе може да ги пренесе нивните ставови на Трамп.
Претставникот на американскиот претседател претходно кажа дека Белата куќа не планира да врши притисок врз Русија и Украина, туку дека на свете страни по нешто ќе им понуди. Според Келог, постигнувањето на мировно решение би требало да биде „прашање на месеци, а не на години“.