Бесeнт минатата недела беше во Киев во прва посета на Украина од страна на член на новата администрација, додека американскиот претседател Доналд Трамп вели дека „успешно преговара за крај на војната со Русија“.
Оттогаш, ескалираа тензиите меѓу американскиот претседател и неговиот украински колега, Володимир Зеленски, кого Трамп го опиша како „диктатор“ и го обвини за недолично однесување кон Бесeнт.
Бесeнт беше во Украина за да потпише „договор за економска соработка“ за да им овозможи на САД пристап до украинските минерални ресурси во замена за американската поддршка за Украина, која е клучна за спротивставување на руската инвазија.
„Претседателот Трамп имаше многу елегантен план. Идејата беше да се зајакнат економските врски меѓу двете земји за да се убеди американскиот народ во нивниот интерес за поддршка на Киев“, рече Бесeнт.
Американскиот министер оцени дека многу од изјавите на Зеленски за време на неговиот говор во Минхен на Конференцијата за безбедност минатата сабота биле „несоодветни“.
Украинскиот претседател потоа ги повика своите европски сојузници да се зајакнат за да се избегне договорот што Американците го прават „зад грбот“ на Украина и Европа.
Трамп во средата рече дека Бесeнт бил „прилично грубо третиран“ во Украина, „бидејќи во основа му рекле ‘не’, додека Зеленски спиел и не можел да се сретне со него“.
Средбата меѓу украинскиот претседател и американскиот министер реално се одржа на 12 февруари, кога беа објавени и неколку фотографии.
