петок, 25 октомври 2024

Утре напладне синдикатот на Еуроникел излегува на протест

Објавено на

часот

Сподели

Синдикатот на Еуроникел индустри вчера испрати барање до вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, копија од барањето упатено до премиерот Димитар Ковачевски, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и Хари Костов, директор на Комерцијална банка, за исплата на ДДВ за исплата на плата, спас на работните места и егзистенцијата на околу 800 вработени.

„Ви се обраќаме со длабоко разочарување после минатонеделната комуникација и ветување дека ќе се преземат сите активности за да излезете во пресрет на нашите барања за исплата на плата преку поврат на ДДВ. ДДВ повратот за месец август 2023 година сѐ уште не е реализиран. Работниците немаат земено плата за месец октомври 2023 и сите наши вработени и нашите семејства останавме и без најчуствителното, без здравствена заштита“, пишува во барањето. 

Во него се нагласува дека вицепремиерот Битиќи треба да го исполни она што го ветил минатата недела.

„Ние не бараме да ни се дадат средства  што не ни припаѓаат, ние не бараме средства од буџетот, ние не бараме милостина, ние бараме ДДВ за месец август што и се должи на фирмата и кое е доспеано по сите основи, да се врати, за да можеме да добиеме минимални средства за да го преживееме овој месец и да добиеме здравствена заштита, за нас и за нашите деца. Притоа повторно една третина од средствата пак ќе завршат во државната каса по основ на придонеси“, пишуваат од синдикатот.

Во дописот потпишан од претседателот на синдикалната организација, Миле Ѓорѓиев, се нагласува, дека, доколку ова барање не се исполни, во една ваква ситуација, на вработените не им бил оставен никаков избор, освен да излезат на улица и да протестираат сѐ додека не се остварат нивните работнички права.

„Уредно и согласно закон, најавуваме протест кој ќе се одржи во четврток и петок на регионалниот пат Кавадарци – Дреново кај фабриката ,Еуроникел. Истиот ќе биде експресно откажан доколку се направи поврат на ДДВ за месец август 2023 година и ако работниците добијат плата и здраствено осигурување. Но доколку нема позитивен исход, тогаш најавуваме радикализација на протестите. Со надеж дека сепак ќе го послушате гласот на своите граѓани и ќе ни овозможите тоа што по закон ни следува, очекуваме  поврат на ДДВ и исплата на плата“, пишува во барањето од синдикатот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ