Судот ја донесе одлуката денес, порачувајќи дека владата мора да одлучи кога ќе се одржат нови избори.
Победата во првиот круг на кандидатот на десницата Калин Ѓорѓеску, кој е наклонет кон Русија, предизвика шок на Западот, по што итно беа понудени докази за масовна сајбер-кампања оркестрирана од Москва во негова корист, а која наводно не ја забележале романските власти.
Ѓорѓеску требаше во вториот круг, закажан за 8 декември, да се соочи со прозападната центристичка кандидатка Елена Ласкони.
Гласањето веќе почна во странство за вториот круг на изборите за претседател на Романија, кои се сметаат за референдум за идниот курс на членката на НАТО и Европската Унија.
Ѓорѓеску се појави како фаворит за победа во вториот круг, иако Ласкони беше во предност според анкетите на јавното мислење, и покрај тоа што романскиот врховен совет за национална одбрана на 4 декември ја симна тајноста на документите во кои „се открива“ дека земјата била мета на „агресивна хибридна руска акција“, заслужна за шокантната победа на десничарскиот кандидат.