Како што соопштија од Уставниот суд Левица ја спори точка 1 од Упатството за измена и дополнување на Упатството за радиодифузарите за претседателските и парламентарните избори донесено на 15 април 2024 година.
„Подносителот во иницијативата наведува дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги произволно и неточно ги толкувала Изборниот законик и погрешно ја утврдила фактичката состојба во однос на позиционирањето на политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија, при што издала Упатство кое е во спротивност со закон, а се однесува на медиумско претставување во текот на изборната кампања. Наведено е дека Упатството е спротивно на политичкиот плурализам и слободните и непосредни и демократски избори во државата бидејќи со него медиумската минутажа била нееднакво поделена и медиумите неизбалансирано ги покривале сите политички опции за парламентарните избори 2024 година“, информираат од Уставниот суд.
Судот денеска расправа и по неколку предмети отворени по сопствена иницијатива, како и барање за заштита на слободите и правата поднесено од лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
„Подносителот на барањето наведува дека претседателот на Собранието со неговото дејствие сторил повреда на правото на политичко дејствување на подносителот на начин што не бил прифатен Предлог за граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на дополнителен референдум. Подносителот наведува дека му се повредени уставно загарантираните права бидејќи претседателот на Собранието одбил да ја проследи иницијативата до надлежните собраниски работни тела за прибавување мислење за уредноста на иницијатива и ја прогласил за неуредна. Се наведува дека претседателот на Собранието го повредува и правото на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, па така подносителот бил доведен во нееднаква и понеповолна положба споредено со останатите политички субјекти“, информираат од Судот.