Незадоволни од бавноста со која се одвива истрагата, тие на Фејсбук јавно упатија прашања до каде е постапката во врска со овој случај и зошто на Франгов не му бил определен притвор иако во сообраќајната несреќа загина човек.
„Синот на ексградоначалникот на Гевгелија прегазил човек и никому ништо. Поради вакви примери и се случи трагедијата во Скопје. Цела Македонија е на нозе кога 20-годишно дете прегази човек во Скопје. А кога тоа се случуваше во Гевгелија, кога 20 и нештогодишен син на Иван Франгов прегази и усмрти човек, никому ни збор, ни протести. Симе Франгов со таткови врски преку обвинителката Василка Садикова Ковачева беше ослободен да не оди во притвор. После пак беше фатен со дрога“, велат гевгеличаните со кои разговараше МКД.мк, кои поради страв од одмазда не сакаа да го откријат својот идентитет, а кој ѝ е познат на нашата редакција.
Тие прават паралела и наоѓаат сличности токму со случајот на Васил Јованов, кој ја усмрти Фросина Кулакова.
„Психолошкиот профил на двајцата деликвенти, Васил Јованов и Симе Франгов, е апсолутно ист. Двајцата се дилери и фатени се со дрога, двајцата убиваат човек со кола, двајцата се синови единци, на двајцата татковците им се функционери и се од истата политичка партија. Монструмите не се раѓаат, монструмите ги створиле Златко Јованов и Иван Франгов. И двајцата треба да одговараат заедно со нивните деца затоа што ги ослободуваа со партиски врски и сѐ им беше дозволено“, велат нашите соговорници од Гевгелија.
Гевгеличани прашуваат до кога „обвинителите и судиите ќе ги штитат криминалците од законот и дали не треба сите да сме еднакви пред законот, еднакви пред судот и обвинителството“.
„Или убиството извршено од син на градоначалник не е убиство?“, прашуваат соговорниците на МКД.мк.
Стравот на нашите соговорници се покажа оправдан затоа што во меѓувреме, поради нивните реакции, таткото на Симе, Иван Франгов, ги пријавил во полиција за говор на омраза и тие биле повикани на разговор.
МКД.мк испрати прашања до Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица, кој е надлежен за постапување и на подрачјето на Гевгелија. Штом ќе ги добиеме одговорите, ќе бидат објавени во целост.
Нашата редакција испрати прашања и до Основното јавно обвинителство Гевгелија и праша во која фаза од постапката е случајот со сообраќајната несреќа предизвикана од Симе Франгов од Гевгелија на 9 декември 2023 во Нов Дојран, во која загина 48-годишен пешак, со кое образложение надлежниот јавен обвинител побарал мерки на претпазливост за предизвикувачот на несреќата Симе Франгов наместо притвор, и што сѐ досега има преземено Јавното обвинителство за да се утврдат фактите во овој случај?
Штом ќе ги добиеме и овие одговори, и тие ќе бидат објавени во целост.
Од Основниот суд во Гевгелија за МКД.мк велат дека кај нив досега не е заведен предмет во врска со сообраќајната несреќа предизвикана од Симе Франгов.
„На осомничениот за кого прашувате му беа изречени мерки на претпазливост, меѓу другото и редовно да се јавува во суд. Тој редовно се јавуваше во судот сѐ додека не му беше одреден притвор за друг случај против него, за кој се води истрага, па затоа мерката јавување во суд беше прекината“, велат од гевгелискиот суд за МКД.мк.
Станува збор за случајот под кодното име „Чибук“, во кој беа уапсени 10 луѓе, меѓу кои и синот на ексградоначалникот на Гевгелија, Симе Франгов. Уапсените се сомничеа дека во периодот од октомври 2023 до март 2024 организирале набавка, продажба и пуштање во промет на речиси 100 килограми марихуана, која делумно била набавувана и од фирми за производство на медицински канабис.
Кога Симе Франгов ја предизвикал сообраќајната несреќа во која животот го загуби 48-годишен пешак во Нов Дојран, МВР тогаш извести дека со возило шевролет Франгов, кој тогаш имаше 26 години, удрил во пешакот Д.Ѓ., кој имал 48 години.
„На местото на несреќата починал пешакот, а смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош. Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од полициската станица Гевгелија“, информираа тогаш од МВР.
Јавното обвинителство пак тогаш информираше дека против Франгов се води истрага за делото тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, дело за кое е предвидена затворска казна.
„Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 од Кривичниот законик. За осомничениот се побарани и определени мерки на претпазливост. Во тек се наредените вештачења од чии резултати ќе зависи конечната правна квалификација на делото“, информираа тогаш од Јавното обвинителство.
И толку. Од тогаш молк од обвинителството.
И.О.