Управниот суд ја известува јавноста дека на ден 13.04.2024 година во 22.00 часот, судечкиот совет по предметот УРП.бр.76/2024, оформен по тужба поднесена од Јавната установа Академија зa судии и јавни обвинители “Павел Шатев” од Скопје, против Одлука бр.12-1330/15 од 11.04.2024 година на Државната комисија за спречување на корупција, ја донесе и јавно ја објави следнатa одлука: Во име на граѓаните на Република Северна Македонија, Претседателот на советот по советувањето и гласањето јавно ја соопшти Одлуката по тужбата со следната изрека: тужбата на тужителот Јавна установа Академија за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев” Скопје, се уважува.
Одлуката на Државната Комисија за спречување за корупцијата бр.12-1330/15 од 11.04.2024 година, се поништува и предметот се враќа на повторно одлучување на тужениот орган, се вели во соопштението објавено вечерва на веб-страницата на Управниот суд.
Тужениот орган, како што посочуваат од Судот, е должен да постапи по одлуката на Управниот суд согласно член 33 став 3, 4 и 5 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Целосната одлука со образложение на истата ќе биде објавена во текот на утрешниот ден на Судскиот портал.
Претставката до ДКСК беше поднесена од претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска – Давкова.