петок, 26 јули 2024

AСЈО поднесе тужба до Управниот суд по одлуката на ДКСК

Академијата за судии и јавни обвинители поднесе тужба пред Управен суд по одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата дека Академијата со конкурсот и тестирањето на кандидатите за судии и обвинители го прекршува законот во изборен период.

Објавено на

часот

Сподели

Од Академијата, посочуваат дека пред, и на самата јавна седница на ДКСК, што се одржа на 10 април, имало многу процедурални повреди, за што Академијата ќе бара судска заштита и ќе ги остварува своите права пред Управниот суд.

„Академијата по добивањето на одлуката од ДКСК во законскиот рок ќе поднесе тужба и истата ќе биде заснована на факти, а не на политички маркетинг, невистини и инсинуации, како што беше случајот со јавната седница, кога претседателскиот кандидат се повикуваше на некакви писма и изнесуваше разни шпекулации и измислици, а на Академијата ѝ беше ускратено правото на одговор по истите“, соопштија тогаш од Академијата.

Оттаму, исто така, изразија верување во институциите на системот и најавија дека ќе ја почитуваат одлуката на Управниот суд.

Државната комисија за спречување на корупцијата, на јавната седница со пет гласа го усвои приговорот поднесен од Гордана Силјановска – Давкова, претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик. Комисијата, согласно надлежностите, ќе преземе мерки и ќе иницира постапка за утврдување одговорност пред надлежните органи.

Според приговорот на Силјановска – Давкова, доставен на 6 април до ДКСК, Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), спротивно на Изборниот законик, заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.

Во образложението на приговорот, пишува дека Академијата за судии и јавни обвинители во јануари 2023 година објавила оглас за прием на 130 слушатели за идни судии и јавни обвинители, а по претходно извршените тестови за странски јазик, психолошкиот тест и тестот за интегритет, на 29 март 2024 година, АСЈО го објавила распоредот за полагање на квалификацискиот тест.

„Овој тест тековно го полагаат 299 луѓе, што јасно укажува дека постапката за засновање работен однос е започната и истата не е ставена во мирување, со што АСЈО ин флагранти ги прекршува Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик“, пишува во приговорот на Силјановска – Давкова.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер – Дамјановска, на седницата нагласи дека се незадоволни од одлуката и оти правдата ќе ја бараат пред Управен суд, а, како што рече, најголеми губитници во овој случај се кандидатите.

„Значи воопшто датумски не се совпаѓа целиот наш процес на тестирање со рокот што е определен во законот. Нашиот процес почна во јануари 2023 година и сѐ уште трае“, подвлече Габер – Дамјановска, додавајќи дека не се знае точно кога тој процес ќе заврши, и оти не се работи за класично вработување.

Таа подвлече дека во прашање е сериозен јавен интерес, што ќе има долгорочни последици врз капацитетот на работењето на судовите и обвинителствата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ