„ Синдикатите се задоволни од досегашните успешни синдикални активности, посебно во делот на законското решение и зголемување на платите на наставниот и ненаставниот кадар, и сметаат дека со формирање на Унијата ќе бидат уште поефикасни“, изјави за МИА, универзитетскиот професор Саша Дукоски, претседател на синдикалната организација при УКЛО-Битола.
„ Во Битола одржавме успешен состанок во функција на работничките права. Учесниците од шесте државни универзитети, односно ние претседателите на соодветните синдикални организации, едногласно одлучивме за здружување и основање на Унија на синдикати на високото образование. На овој начин ќе може во иднина поефикасно да ги застапуваме и остваруваме работничките права, да помогнеме во унапредување на стандардот на вработените и да дејствуваме во подобрувањето на квалитетот на високото образование во интерес на студентите“, истакна Дукоски.
Иницијативата е успешна, документацијата е комплетирана, претстои регистрирање на Унијата на синдикати во високото образование, а потоа и промоција која најверојатно ќе се одржи во Охрид, најави Дукоски.
„ Синдикатите на државните универзитети остануваат посветени на парадигмата дека нема прогрес без достоинствена плата и работни услови, ниту автономија и слобода на мислата и говорот во академијата без достоинствен живот, што е силен мотив за синдикалните напори на универзитетите во државата. УКЛО преку својот синдикат, овие постулати силно и активно ги поддржува“, посочи универзитетскиот професор Саша Дукоски, претседател на синдикатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.