петок, 18 октомври 2024

Унијата на медицинските сестри бара праведно разрешување на случајот со бебето во Детската клиника

Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ по „тврдењата за нестручно однесување на медицинска сестра со новороденче“, денеска ги повика релевантните институции да приложат докази за разрешување на случајот.

Објавено на

часот

Сподели

„Во нашата земја во моментов работат околу 9.200 медицински сестри. Оваа хумана фела одговорно и пожртвувано работи во јавниот здравствен систем и не заслужува да се фрла дамка на сестринската професија поради недокажани инциденти. Затоа од име на Унијата на медицински сестри, упатувам реакција и ја повикувам стручната комисија, јавно да се произнесе со факти и одговорноста да ја насочат кон конкретниот виновник“, се вели во писмената изјава претседателката Гордана Бешлиовска.

Денеска комисија формирана од Министерството за здравство ќе треба да го расветли случајот со повредите на тримесечното бебе од Сарај, за кои родителите тврдат дека биле предизвикани од медицинска сестра од Детската клиника.

„Разговарано е со медицинската сестра, таа вели дека немало намерна повреда, ниту пак имало навреда од нејзина страна кон блиските на детето. Таа ќе даде и писмена изјава во врска со случајот“, рече директорот на Клиниката за детски болести Реџеп Мемеди. Тој појасни дека, според медицинската сестра, повредата на десната рака на бебето е ненамерна и настанала при земање крв за анализи.

Министерот за здравство Арбен Таравари на социјалните мрежи напиша дека доколку се потврдат наводите на блиските на бебето, медицинската сестра ќе биде соодветно санкционирана.

Според изјавите на блиски на бебето, што беа презентирани во јавноста, по вербален конфликт, поради тоа што мајката не знаела да зборува добро македонски, следувало намерна повреда на детето од медицинската сестра, при интервенција земање крв.

Според доктори од клиниката, бебето имало наод за тромбоцитопенија, намалени тромбоцити од која се појавуваат модринки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ