Демири ги информирал претставниците од УНИЦЕФ за моменталната состојба со епидемијата на голема кашлица во градот Скопје, како и за донесените препораки со цел сузбивање на епидемијата.
„На средбата, беше искажана загриженоста во однос на нискиот опфат на вакцинација против голема кашлица, а исто така се дискутираше и за вакцинирањето со другите вакцини од задолжителниот Календар на имунизација. УНИЦЕФ ја изрази својата подготвеност да продолжи со поддршка за зајакнување на здравствениот систем и спроведување комуникациски активности, за да се врати довербата во здравствениот систем и вакцините. Во тој контекст, значајно е и воведување систем за управување со дезинформации и погрешни информации во врска со вакцините и процесот на вакцинација во Министерството за здравство“, се појаснува во соопштението на Министерството за здравство (МЗ).
Демири и ДиЏовани разговарале и за годишниот План за соработка за 2024 година во делот на имплементација на Перинаталниот мастер план, Педијатрискиот мастер план, како и за другите компоненти од здравствениот систем, со фокус на мајки и деца.