Контроверзниот закон беше одобрен во парламентот на почетокот на месецов со гласовите на владејачката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан. Законот е составен од одредби за заштита на граѓаните кои сакаат да пријават недостатоци и прекршоци во институциите и фирмите, а содржи и дел кој овозможува луѓето да ги осудуваат сограѓаните од идеолошки причини.
Ова може да се направи, на пример, ако некој ги доведе во прашање традиционалните родови улоги и семејните идеали утврдени во уставот или правото на детето на „родов идентитет при раѓање“. Тоа значи дека, според законот, истополовите парови кои заедно воспитуваат деца можат да бидат пријавени анонимно.
Но, законскиот текст не е во согласност со директивите на Европската унија кои треба да ги заштитат кодошите во институциите и компаниите, напиша Новак во писмото до парламентот, кое беше објавено во петокот вечерта во Будимпешта.
Ова е првпат за време на раководството на десничарскиот популист Орбан шефот на државата да се спротивстави на закон кој е многу важен за него. Новак, како и нејзините претходници од 2010 година е член на владејачката партија.
За време на владеењето на Орбан, парламентот веќе донесе неколку закони кои ги ограничуваат правата на хомосексуалците и трансродовите лица. Во амандманот на уставот, на пример, сега стои дека „таткото е маж, а мајката е жена“.
Ветото значи дека парламентот сега мора повторно да преговара за законот. Сепак, парламентот може повторно да го донесе во непроменета верзија, а претседателот не може повторно да стави вето.