среда, 5 февруари 2025

Унгарија му даде азил на избеган полски политичар: „Ја игнорираа потерницата“

Унгарија вчера објави дека му дала азил на поранешниот полски заменик-министер за правда Марцин Романовски, кој е осомничен за злоупотреба на јавни средства, што може дополнително да ги влоши и онака заладените односи меѓу Варшава и Будимпешта. Романовски е највисокиот функционер досега што е предмет на истрага за наводен криминал и непотизам под претходната националистичко-популистичка влада на Полска.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Центристичкиот полски премиер Доналд Туск вчера предупреди дека унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе биде во „тешка ситуација“ доколку му даде азил на Романовски.

„Доколку Будимпешта донесе каква било одлука што би била во спротивност со европските закони, како што е (давање) политички азил или игнорирање на европскиот налог за апсење, Виктор Орбан би бил во тешка ситуација, а не јас“, рече Туск.

Одлуката за азил ја потврди Гергели Гуљас, шеф на кабинетот на унгарскиот премиер. Претходно денеска судот во Варшава издаде европска потерница за Романовски. Односите меѓу Варшава и Будимпешта се влошија откако десничарската полска влада, која беше блиска до Орбан, беше соборена кон крајот на минатата година и на негово место дојде администрацијата на Доналд Туск.

Адвокатот на Романовски, Бартош Левандовски, тврди дека случајот против неговиот клиент е политички мотивиран.

Тој додаде дека Романовски во барањето за азил навел дека „не може да смета на правично судење во Полска поради политичката инволвираност на некои судии, кои отворено го поддржуваат актуелниот министер за правда“. Адвокатот рече дека Романовски го поднел барањето за „да го привлече меѓународното внимание на политичката репресија врз опозициските партии во Полска“.

Поддржувачите на Туск категорично ги отфрлаат ваквите тврдења, тврдејќи дека претходната националистичка администрација, предводена од партијата Право и правда, масовно ги злоупотребувала јавните средства за политички цели, притоа кршејќи ги демократските норми и уништувајќи го владеењето на правото.

Туск рече дека Орбан „е под влијание на наративот на (лидерот на Право и правда) Јарослав Качињски кога станува збор за толкување на настаните во Полска“.

Романовски, кој беше заменик-министер за правда од 2019 до 2023 година, се соочува со обвиненија за учество во организирана криминална група, местење тендери за јавно финансирање и проневера на повеќе од 107 милиони злоти (25 милиони евра).

Полските обвинители тврдат дека тој им наредил на вработените да фаворизираат одредени организации кога доделуваат средства и одобрувал субвенции за субјекти што не ги исполнуваат формалните услови. Романовски минатата недела беше ставен на листата на барани лица во Полска, откако судот донесе одлука за негов притвор.

Полицијата ги пребарала познатите адреси на Романовски, но не успеала да го најде.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ