Проектот, чија цел е олеснување на извозот на унгарската роба, ќе биде целосно оперативен до 2028 година. Работите почнаа со изградбата на масивен крајбрежен ѕид и насип од 50.000 кубни метри на земјиште кое се наоѓа во унгарска државна сопственост во северна Италија.
„Во првата фаза ќе се градат 240 метри брег, а потоа ќе се прошири за уште 400 метри, со што Унгарија ќе добие вкупно 650 метри брег на Јадранско Море“, изјави Маѓар при посетата на градилиштето.
Покрај тоа, Унгарија на располагање ќе има 30 хектари земјиште, на кое ќе биде изграден голем логистички центар, вклучувајќи ги сите потребни објекти за поморски операции.
Како што пренесува хангари тудеј, Унгарија земјиштето го купила за 31 милион евра, врз основа на 60-годишен договор за концесија. Развојот на пристаништето ѝ е доверен на компанијата Адрија порт Зрт, која е во целосна сопственост на унгарската држава.
„Унгарија секоја година извезува роба во вредност на околу 150 милијарди евра, а најголем дел од тој извоз се одвива по морски пат“, кажа Маѓар.
Државниот секретар додаде дека одржал важни разговори со претставници на италијанската влада, вклучувајќи го заменик министерот за инфраструктура и сообраќај Едоардо Рикси, кој го поддржал целиот проект и ветил помош за унгарските извозници и компании во зголемувањето на конкурентноста на светскиот пазар во следните години.