Во недостиг на потписите на претставниците од сите 27 земји на ЕУ, високата претставничка на Унијата за надворешна политика и безбедност Каја Калас даде сопствена изјава во која оцени дека изборите на 26 јануари не биле слободни и чесни и ги повика белоруските власти да ги ослободат сите политички затвореници.
Одлуката на режимот да повика независни набљудувачи на изборите од Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) десет дена пред изборите ги спречила да добијат пристап до клучни фази на изборниот процес, смета Калас.
„Ова е уште еден доказ за целосната недоверба во овие избори“, оцени таа.
Истакна дека ЕУ, од овие причини и вклученоста на белорускиот режим на страната на Русија во војната во Украина и неговите „хибридни напади“ на соседите, „ќе продолжи да наметнува рестрикции и санкции против режимот, и да пружа финансиска поддршка на цивилното општество, белоруските демократски сили во егзил и белоруската култура“.
Унгарија минатата недела одбила да го потпише нацртот на изјавата која се однесува на „недемократските претседателски избори“ во Белорусија во име на 17-те земји на ЕУ. Меѓутоа, таа не е единствена која се противела на нацртот. Словачка исто така одбила да го потпише.
Претставниците на Словачка подоцна се согласиле да ја потпишат изјавата, но унгарските власти и понатаму одбиваат.
Унгарија, предводена од премиерот Виктор Орбан, повеќе пати беше против проширувањето на санкциите против Русија и засилување на европската воена помош на Украина.