петок, 18 октомври 2024

УНЕСКО ја одложи одлуката Охридскиот регион да го стави на листата на светски наследства во опасност

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на состанокот во Њу Делхи, Индија, ги усовил одлуките за албанските центри за светско наследство, Бутринт, Берат и Ѓирокастро, но ја одложил одлуката за албанско-македонското прекугранично подрачје на Охридското Езеро за следната година, објавија албанските медиуми.

Објавено на

часот

Сподели

На ваквата одлука на УНЕСКО ѝ претходеше жестока расправа во албанскиот парламент на која опозицијата обвини дека се во тек големи градежни проекти на крајбрежјето на Охридско Езеро.

Во одлуката за Националниот парк Бутринт, УНЕСКО бара од албанските власти до први февруари 2025 година да достават карта на границите на имотот, кои пред две години беа променети од албанската влада, без знаење и одобрение на УНЕСКО а од паркот Бутринт беа отпишани 800 хектари.

На крајот на март годинава претставници на УНЕСКО беа на средби со градоначалниците на Охрид и Струга, но и со тогашната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска за да ја утврди фактичката состојба на терен во Охридскиот регион по што требаше да биде донесе одлука дали регионот ќе остане на листата на заштитено светски добра.

Костадиновска Стојчевска тогаш изјави дека исполнувањето на дадените задачи од УНЕСКО е сложен процес во кој не е само Министерството за култура, Министерството за животна средина и просторно планирање, вклучени се и општините и институциите кои се занимаваат не само од областа на заштита на културно наследство туку и од областа за заштита на животна средина.

„И најголемиот проблем кој што беше наследен е тоа што првиот Закон за прогласување на охридското Старо градско јадро за заштитено е донесен во 2010 година, а комисијата која требаше да одлучува по однос на предмети кои го тангираат овој регион беше формирана во 2018-2019 година. Што значи дека тој вакум од 9 години беше навистина многу долг и во тој период се донесоа многу закони кои воопшто не се консултирани со законите кои што владеат во Охридскиот регион. Полека, полека тие закони ги усогласуваме што не е лесен процес но имаме некој напредок“, посочи тогаш Костадиновска Стојчевска.

Два месеци подоцна, на почетокот на мај 2024 година, Националната комисија на УНЕСКО одржа седница на која беше разгледана актуелната состојба со изградба на хотелски комплекс на туристичкиот локалитет Горица во Охрид. Членовите на Комисијата донеле заклучоци со барања до Општина Охрид, како надлежен орган, за доставување на целокупната документација околу изградба на предметната локација.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во 2021 година ѝ даде рок на Македонија од две години да го запре уништувањето на урбаниот и поширокиот пејзаж со несоодветни конзервација, реконструкција и развој. Експертите тогаш сметаа дека високите објекти близу до езерото, слабиот архитектонски квалитет на изграденото (посебно во поголемите градови Охрид, Струга и Поградец, но и долж брегот надвор од градовите), и несоодветната и претерана употреба на крајбрежјето за туристичка инфраструктура, имаат големо негативно влијание на универзалната вредност на Охридскиот Регион.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ