недела, 22 декември 2024

Улогата на Ален Делон во аферата Марковиќ

Смртта на познатиот француски актер Ален Делон повторно ја актуелизира „Аферата Марковиќ“ во која тој беше директно осомничен за убиството на неговиот телохранител Стевица Марковиќ. Со неговото заминување од овој свет, замолкна и последната уста на сите директни учесници кои биле инволвирани во најголемата афера во модерната француска историја, која се заканувала да ја урне француската Петта република од темел.

Објавено на

часот

Сподели

Иако никогаш не бил осуден, Ален Делон ја имал главната улога во овој политички трилер во кој сценариото го зборувал од сопствената глава, а не како научен текст кој однапред некој друг му го напишал. Можеби затоа и ја направил фаталната грешка кога изјавил „кучето кое ќе го касне својот господар мора да биде убиено“.

Врски со мафијата

За да се разбере вистинското лице, односно психологијата на Ален Делон, потребно е да се тргне со проучување на неговиот карактер уште во најраната младост. Како што вели Фројд, детето е татко на човекот, односно како ќе се формираме во детството, такви ќе бидеме и кога ќе станеме возрасни. Раното детство на Ален е сместено во дисфункционално семејство, во кое неговите родители се развеле кога тој имал само четири години, така што наредните десеттина години живеел во хранителско семејство и во католички интернат. Поради лошо однесување, бил вратен кај мајка му, која, во меѓувреме, повторно се омажила за локален месар. Напуштајќи го основното училиште, тој го изучил месарскиот занает кај неговиот очув.

На 17 години решил да стане професионален војник, но бидејќи бил малолетен, неговите родители морале да дадат согласност. Како изјавил подоцна во едно интервју, тоа го направиле без никакво противење, како да едвај чекале да им се тргне од пред очи и да замине некаде, од каде, можеби, никогаш нема да се врати жив. Со француската војска заминал во Индокина, а според сведочењата на некои воени другари, поради младоста никогаш не учествувал во воени операции, но кога тие се враќале од нив, тој секогаш се пријавувал како доброволец за да ги мачи и убива заробените Виетконговци, при што вештините научени од месарскиот занает доаѓале до целосен израз во садистичкото изживување и егзекутирање на затворениците.

По војната, околу 1955-1956 година, кога едвај имал дваесет години, се вратил во Париз, каде живеел како бездомник, спиел на клупи во парк и, како што пишува Душан Савковиќ во документаристичкиот роман „Прегратката на Париз“, претставувал евтино месо за богатите американски каубојци, кои во тие години како туристи масовно го посетувале Париз.

Без пари и без школо, единствениот адут да успее во животот му била неговата ангелска убавина, која не останала незабележана и од корзиканската мафија, која управувала со париското подземје. Тогаш, веројатно, е направен и „договорот со ѓаволот“, сличен на оној на сицилијанската мафија со Френк Синатра, Корзиканците да застанат зад него, го лансираат во филмскиот свет, а тој за возврат да им дава процент од заработеното. Иако без завршено основно образование, набрзо ги завршил престижните школи за глума и напредни курсеви по англиски јазик. Шефот на корзиканската мафија, Франсоа Маркантони, му станал кариерен ментор.

Фатална средба во Белград

Судбоносен момент во неговиот живот е доаѓањето во Белград во 1962 година, каде требало да се снима филмот „Марко Поло“. Според една верзија, 27-годишниот Ален во ресторанот „Загреб“ (денес „Руски цар“) на Кнез Михајлова го забележал 20-годишниот Милош Милошевиќ и група белградски мангупи, при што изразил желба да се дружи со нив додека е во Белград, така што влегол во ресторанот и се понудил да им плати пијалок. Според другата верзија, која е многу пореална, оваа белградска група на мангупи секоја вечер одела во дискотеката во хотелот „Мажестик“, при што во еден момент дошло до туркање со обезбедувањето на Ален Делон. За да ја смири ситуацијата, Ален ги повикал да седнат во неговото сепаре и ги почастил со пијалок.

Како сведочи еден од присутните во документарецот што може да се гледа на Јутјуб, по затворањето на дискотеката, Ален Делон го поканил целото друштво во неговиот стан, кој му бил изнајмен на Врачар. На оваа белградска екипа ѝ се придружиле и тогаш најубавите млади белграѓанки, така што сите заедно завршиле на забава кај Ален Делон.

Според присетувањето на споменатиот сведок, Ален не покажал никаков интерес за флертот што му го праќале цела ноќ заносните белграѓанки, туку бил фасциниран и фокусиран само на Милош Милошевиќ. Како што сведочи присутниот гостин, набрзо видел „колку е часот“ и му рекол на Милош да си одат бидејќи ова сè повеќе наликувало на „педер бал“. Меѓутоа, на Милош таквата забава му била занимлива, така што на пријателот му одговорил: „Ако ти е досадно, оди си, а јас ќе останам“. Следниот ден кога се виделе, според сведочењето на пријателот на Милош, тој бил полн со еуфорија и му рекол дека ќе се сели заедно со Ален Делон од Белград во Венеција, каде ќе продолжи снимањето на филмот „Марко Поло“, а тој ќе настапува како негов дублер.

„Педер, ете на тоа ми личеше Ален Делон, а и Милош со него“ – децидно изјавува во камера овој сведок на фаталната средба меѓу Ален и Милош во документарецот, во кој за себе кажува дека по стари денови работи како белградски такси.

Контакт со Стевица Марковиќ

Иако проектот Марко Поло пропаднал, тоа не било причина Милош да се врати од Венеција во Белград, туку продолжил во Париз заедно со својот новостекнат пријател Ален. Таму живеел во неговата куќа, работел како дублер, а Ален му плаќал часовите за глума и ветувал дека преку неговите контакти ќе му обезбеди улоги во неговите наредни филмови.

Сè на сè, нивната идила траела следните месеци, сè додека еден ден Милош не се појавил во куќата на Ален со својата девојка. Ја претставил како Французинка со мароканско потекло, чие име било Франсин Канвас. Дали поради љубомора или нешто друго, но првите зборови на Ален биле:

„Што ќе ти е оваа курва!?“.

Два месеци по оваа средба, Ален Делон се оженил со фаталната Франсин Канвас, а таа го сменила името во Натали и го додава презимето на нејзиниот сопруг, Делон. Кум на венчавката им бил никој друг туку Франсоа Маркантони.

Тие денови Милош добил писмо од неговиот добар пријател од Белград, 25-годишниот Стевица Марковиќ, дека е во затвор во Белгија и дека го моли ако може некако да му помогне да излезе на слобода. Милош му се обратил на Ален Делон за помош, а овој решил да плати добар адвокат, но и да ги придвижи своите контакти, за пријателот на неговиот пријател да биде ослободен. Наскоро Стевица е ослободен и се враќа во Белград, каде не може да прифати да живее. За тоа имал две причини: неговата мајка, која во 1948 година работела како сметководител во хотелот „Мажестик“ (каде 14 години подоцна судбината ќе сака да ги поврзе Милош Милошевиќ и Ален Делон), била обвинета дека била симпатизер на Инфобирото и завршила на Голи оток, каде и починала. Од тие причини, Стевица бил жесток антикомунист и противник на тогашниот режим.

Другата причина зошто сакал да ја напушти Југославија била поради тоа што неговата сестра веќе емигрирала во Париз, каде ја однело нејзиното момче, ветувајќи ѝ дека ќе работи како модел во модната индустрија. Набргу по пристигнувањето во Париз, таа сфатила дека била измамена, затоа што завршила како проститутка на Пигал. Не можејќи да го прифати таквиот живот, решила да се самоубие фрлајќи се под воз во париското метро. За нејзина несреќа  – останала жива, но со отсечени нозе, целата неподвижна, со изгубен глас за комуникација и способност самата да се храни. Бидејќи немала пари, за неа се грижело сестринството на Католичката црква во еден санаториум во близина на Париз. Чувствувајќи братска обврска кон својата сестра, Стевица почнал да планира да емигрира во Париз за да биде поблиску до неа.

Во тоа време, таквата операција не била премногу комплицирана – доволно било само да се качите на возот Белград-Париз и кога ќе пристигнете на железничката станица во Париз да го искинете југословенскиот пасош и се пријавите во париската полиција како политички емигрант од Србија. Тие години, француските власти без проблеми им издавале политички статус на Србите кои ќе се декларирале како антикомунисти и симпатизери на Кралот Петар, иако единствениот контакт со Кралот, кој тогаш живеел во Париз, на Стевица и неговиот најблизок париски пријател Урош Милиќевиќ, им бил кога се обиделе да упаднат во неговиот стан и да ги украдат уметничките слики. За нивна жал, како што пишува Савковиќ во „Прегратката на Париз“, вечерта кога влегле, кралот заедно со сликите веќе бил преселен во САД, а на нив им останало само да гледнат во небојадисаните делови од ѕидовите каде претходно биле закачени скапоцените слики.

Убиството во Холивуд

Доаѓањето на Стевица во Париз во 1965 година се совпаѓа со периодот кога Милош веќе неколку месеци како заминал во Холивуд за таму да ја започне својата филмска кариера. Ален Делон бил разочаран од тоа и се обидел да го разубеди, но безуспешно. На крајот се согласил, но со молба Милош да му најде друг Србин, кој ќе му биде и пријател и секретар и телохранител и, ако треба, и двојник во филмовите. Предлогот паднал на Стевица, што Ален со задоволство го прифатил, верувајќи дека ја купил наклоноста на Стевица со тоа што го извлекол од затворот во Белгија пред една година.

Милош се иселил, а Стевица се вселил во куќата на Ален. Освен Ален и Натали не можела да ја сокрие радоста за новиот гостин со кого ќе ја дели куќата. Од писмата што подоцна ги пишувал Стевица, тој ја делел со Натали не само куќата, туку и креветот. Можеби кобно за неговата судбина ќе биде и тоа што тој тоа и не го криел од својот шеф Ален (веројатно, се водел според старото балканско швалерско правило „не се брои ако не си се пофалил“), иако и Натали, во напади на бес, во бракот кој бил пред пропаѓање, често пати тоа му го истурала во лице на својот сопруг. Кумот Маркантони сето тоа го набљудувал од страна, чекајќи во низок старт на повикот кога да дејствува за да го заштити своето кумче.

Според писмата кои Милош Милошевиќ од Холивуд му ги праќал на својот пријател во Белград од 1964 до 1966 година, а кои можат да се видат во документарецот достапен на Јутјуб, тој таму живеел како развратен 24-годишник. Во нив пишувал како ќе го освоел Холивуд, дека ќе бил новиот Џемс Дин, дека секој нов ден бил со нова девојка и како сите жени во Холивуд да чекале да се појавел овој Југословен за конечно да им го дал она што од килавите Американци не можеле да го добијат. Ја забележал и својата прва филмска улога во филмот „Русите доаѓаат“, иако повеќе тоа била улога на статист отколку актер, бидејќи немал свој кадар, туку секогаш бил во групна сцена со други актери, а во филмот дури и не проговорил еден збор. Сепак, на крајот од филмот, тој е потпишан како актер со псевдонимот Милош Милош.

Но, како и неговиот белградски пријател во Париз Стевица, и тој почнал да ја преминува црвената линија: влегол во емотивна врска со сопругата на актерот Мики Руни, Барбара Ен Томсон. Иако тие веќе биле во напредна бракоразводна парница, сепак, како триумфна сопруга на познат маж, кој, исто така, бил поврзан со италијанската мафија, таквото јавно понижување не можело да биде простено. Пресудата која Милош сам си ја напишал, со своето курчење низ Холивуд и со “бентлито“ кое бесно го возел на Сансет булеварот исто како и што живеел – 200 на сат, можело да има само еден епилог – негова смрт. Сè друго било само техника на изведба.

На 30 јануари 1966 година, додека Мики Руни бил во болница во Санта Моника (одличен алиби), да се лекува од инфекцијата што ја добил на Филипини додека го снимал филмот „Ambush Bay“, неговата поранешна сопруга Барбара и Милош биле пронајдени убиени во купатилото во куќата на Руни. Извештајот од лосанѓелеската полиција бил дека Милош прво ја убил својата љубовница, а потоа и себеси. Убиството го извршил со револвер кој бил во сопственост на Мики Руни. Иако истрагата имала многу пропусти и нејаснотии, случајот брзо бил затворен.

Меѓутоа, во таквиот епилог од истрагата не верувал најдобриот пријател на Милош во Лос Анѓелес, Македонецот Крсте Попчевски, кој низ Холивуд почнал гласно да зборува дека Милош не се самоубил, туку дека бил убиен од луѓе испратени од Мики Руни. Набргу по убиството на Милош, и Крсте бил пронајден мртов во неговата куќа. Полицискиот извештај бил „смрт од несреќен случај поради струен удар од оголен кабел“. Недостасувало само уште да додадат дека немал вземување. Да носел гумени влечки, сигурно би преживеел.

Ален Делон многу емотивно ја примил веста за смртта на Милош. Но, тој не бил изненаден. Како да знаел што ќе се случи со неговиот Милош. Хронологијата забележала дека неговиот кум Франсоа Маркантони прв и единствен пат во животот бил во Соединетите Американски Држави и тоа токму во Лос Анџелес, во деновите кога бил убиен Милош.

Ален Делон ѝ се јавил на сестрата на Милош, Зорица, за да ѝ изрази сочувство, нудејќи се да го плати транспортот на телото на Милош до Белград. Кога ковчегот пристигнал во Белград, сведоците кои го виделе телото биле шокирани од тоа колку било посинето со модринки и повреди од тап предмет. Оние кои го подготвувале телото во ЛА за транспорт во Белград, заборавиле да му ги соблечат чорапите што ги носел на денот на неговата смрт. На нив Милош рачно имал напишано со кирилични букви: „Седиме заклучени во бањата и чекаме да влезат и да не убијат“.

Уцена на премиерот Жорж Помпиду

Убиството на неговиот пријател Милош, Стевица никогаш не му го простил на Ален Делон. Нивниот однос веќе целосно бил уништен, иако тој продолжил да живее во истата куќа со газдата, а Ален и понатака му исплаќал месечна плата во висина од денешни 4.000 евра.

Откако се преселил во Париз, Стевица расчистил едно нешто во својата глава. За разлика од Милош, тој не сакал да гради филмска кариера, бидејќи верувал дека немал талент за глума. Она што го окупирало биле фотографијата и коњичките трки. Во текот на неделата, сите пари што ќе ги заработел од фотографирањето на наивните туристи кои ги ловел по плоштадот Конкорд и пред Ајфеловата кула, ги трошел за викендите обложувајќи се на коњички трки. Кога заработувачката не му била доволна, ги додавал и парите што му ги исплаќал Ален Делон, а кога и тие биле малку, барал од Ален да му даде уште пари. Што тој и го правел.

Потребата од пари, до кои на лесен начин ќе дојде, Стевица ја остварувал преку својот фотоапарат и односот со Ален. Меѓутоа, дали за прв пат почнал да размислува како да дојде до лесни пари со злоупотреба на овие два ресурса?

Пријателството со Ален Делон му овозможило да запознае многу важни личности од париската елита. Crème de la crème од тие контакти бил тогашниот премиер на Франција Жорж Помпиду и неговата сопруга Клод. Наводната вечера со парот Помпиду, на која присуствувале Ален и Натали Делон и Стевица Марковиќ, е клучна за сè она што потоа се случило. Како што пишува Савковиќ, запознавањето на Стевица со Мадам Помпиду му овозможило да влезе во највисоките париски кругови и да биде сведок на перверзни и развратни сексуални сеанси, за кои тој, во едно од писмата до неговиот брат Александар во Риека, тврдел дека се случувале и на париските гробишта после полноќ со цртање на пентаграми. Главна ѕвезда на сето тоа била Клод Помпиду, сопругата на тогашниот премиер, кој се подготвувал да се кандидира за претседател на Франција и да го замени „незаменливиот“ Де Гол.

Според една од трите верзии, кои никогаш не биле докажани, Стевица не само што бил активен учесник во таквите бизарни тајни средби, туку и тајно ги фотографирал грозоморните сцени на содома и гомора. Никој до денес не видел ниту една таква фотографија, така што прашање е дали воопшто и постоеле. Според другата верзија, Стевица немал фотографии, но водел дневник во кој имало список со имиња и презимиња на сите познати Французи кои учествувале во оргиите и детален опис кој што правел. За Клод пишувал дека имала лезбејски склоности, а и злоупотребата на животни не била непознаница на овие средби. Според третата верзија, Стевица немал ниту дневник, ниту список со имиња, но бил подготвен јавно да проговори пред медиумите за сè она што го видел на тајните состаноци на Мадам Помпиду.

Според неговите калкулации, единствен начин да замолчи бил неговиот шеф Ален Делон да му даде пари. И тоа многу пари. Но, како се вели, сметката дома и на пазар не е иста. Калкулацијата на газдата била поинаква. Кој му гарантира дека ако еднаш му плати, дека нема повторно да биде уценет. Ако му дозволи еднаш да го стисне за јајца, така ќе го стега до крајот на животот. Само уста која не зборува не може ни да уценува. Во романот „Горила 1“, Душан Савковиќ ја опишува оваа лична драма низ која поминувал познатиот актер, додека седел во својот кабинет и размислувал што да прави, како да не е ништо помалку драматична од онаа на Хамлет. Конечно, длабоко во ноќта, Ален Делон (кој во романот се нарекува Ален Дипре) решава да го подигне телефонот и да му заѕвони на својот кум Франсоа Маркантони и го замоли за помош.

Неколку дена по тој повик, на 1. октомври 1968 година, Стевица Марковиќ е пронајден мртов, завиткан во пластична кеса за душек и фрлен во депонија во близина на Париз. Фабричката налепница залепена на најлонот од душекот покажувала број на артикал кој бил идентичен со бројот на душекот што француската полиција го пронашла во спалната соба на, ни помалку ни повеќе, Франсоа Маркантони.

Осветата на Де Гол

На општите избори на 15 јуни 1969. година, победил Жорж Помпиду и станал, по Де Гол, првиот претседател на француската Петта република. До самите избори, во политичкото подземје кружеле кулоарски приказни лансирани од Елисејската палата дека Де Гол по никоја цена не сакал Помпиду да биде неговиот наследник и затоа му ја наместил „Аферата Марковиќ“. Причината за тоа била што за време на студентските немири во 1968. година, претседателот Де Гол се исплашил од државен удар и побегнал во американската воена база Рамштајн во Германија. За разлика од него, премиерот Помпиду решително се справил со протестантите со употреба на сила. Се шпекулирало дека на фаталната вечера, организирана од Ален Делон, Жорж Помпиду побарал од Стевица Марковиќ заедно со неговите југословенски жестоки момци да ги тепаат студентите, како власта не би го правела тоа со полицијата и се дискредитирала. За такво нешто, Стевица веќе имал добри референци, бидејќи низ Париз еуфорично се зборувало како јавно ги шљакал филозофот Жан Пол Сартр и пеачот Џони Холидеј, а неделникот Пари Мач го прогласил за најсилен и најубав маж во Париз. Во конфликтот меѓу претседателскиот и премиерскиот кабинет, Де Гол сакал да го компромитира премиерот дека се дружел со југословенскиот криминалец, кој бил мистериозно убиен откако тврдел дека имал скандалозни фотографии од неговата сопруга.

Стевица Марковиќ е убиен на 31 година и неговото убиство до ден денес не е разјаснето. Париските гробишта, каде бил погребан, пред неколку години биле срамнети со земја и на нивно место се изградени згради. Освен Стевица, страдале и сите останати кои на кој било начин гравитирале околу него или биле вмешани во „Аферата Марковиќ“.

– Урош Миличевиќ, кој изјавил пред парискиот суд дека на 22. септември 1968, последен пат го видел Стевица, кога тој му кажал дека ќе оди да ги предаде фотографиите, тврдел дека го видел Стевица како влегува во црно такси „пежо 404“, во кое седел Франсоа Маркантони и дека после тоа никогаш не се вратил сè до 1 октомври 1968 кога бил пронајден мртов. Во обновеното судско сведочење, ја негирал својата првобитна изјава. Имал 26 години кога бил убиен во Брисел во 1976 година. Официјално – пресметка меѓу српската политичка емиграција, неофицијално неговото убиство се доведува во врска со „Аферата Марковиќ“

– Крсте Попчевски, пред да наполни триесет години, починал под сомнителни околности во Холивуд во 1966 година, откако изјавил дека неговиот пријател Милош Милошевиќ бил ликвидиран од Мики Руни.

– Милош Милошевиќ, службено – се самоубил на 30 јануари 1966 година; постои сомневање за насилна смрт. На денот на смртта имал 25 години.

– Борис Ацков, пред судот во Париз тврдел дека бил учесник во оргиите со Стевица, а потоа го сменил исказот дека сето тоа го измислил во договор со француската тајна полиција контролирана од Де Гол, за да биде ослободен од затвор. Во почетокот на деведесеттите бил убиен на Копаоник поради минорен финансиски долг. Имал нешто над педесет години на денот на смртта.

– Саманта Лу Бурон, била девојка на Милош Милошевиќ, која ја запознал во Париз и заедно се преселиле во Холивуд. Милош со неа имал син. Четири години по убиството на Милош, таа го обвинила актерот Кери Грант дека стои зад ликвидацијата. На 30 октомври 1973 година, била пронајдена мртва во автомобилски багажник. Била врзана и претепана до смрт. Во моментот на убиството имала 39 години. Убиецот никогаш не е пронајден.

Единствениот преживеан од „Аферата Марковиќ“ е Милош Словенац, кој бил осомничен дека посредувал во преговорите меѓу Ален Делон и Стевица Марковиќ. Денес повлечено живее во Њујорк, а правото да дочека длабока старост (има над осумдесет години) го платил на единствениот можен начин – знаел да молчи. Останува надежта дека по неговата природна смрт, и неговата уста конечно ќе проговори – со оставени мемоари, сведоштва и лични записи за времето кога со Стевица, Милош и Урош верувале дека се добрите момци на Ален Делон.

Ненад Живановски-Столиќ

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ