понеделник, 21 октомври 2024

Украина по грешка ги убила своите заробеници?

Вчера Русија ја обвини Украина дека во „варварски терористички акт“ намерно соборила руски воен транспортен авион со 65 украински воени заробеници за размена и побара вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Руското Министерство за одбрана соопшти дека покрај воените заробеници во авионот Иљушин Ил-76, кој беше соборен кај рускиот град Белгород во близина на украинската граница, имало уште шест руски члена на екипажот и три члена на руската армија.

Украина директно не потврди дека го соборила авионот, ниту дека во него имало украински заробеници. Сепак, како што пренесува Ројтерс, по долга пауза, украинската војска соопшти дека ќе продолжи да ги уништува руските воени транспортни авиони за кои верува дека носат ракети за напади врз Украина.

Соопштија и дека забележале зголемен број руски воени транспортни авиони што слетуваат во Белгород, што тие го поврзуваат со руски ракетни напади врз Харков и други украински градови.

„Имајќи го ова на ум, вооружените сили на Украина ќе продолжат да преземаат мерки за уништување на средствата за испорака и контрола на воздушниот простор со цел да се елиминира терористичката закана“, се вели во соопштението објавено на Телеграм.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека размената на заробеници требало да се случи вчера попладне на граничниот контролен пункт Колотиловка и дека Украина знаела дека транспортниот авион со заробени украински војници се очекува на аеродромот во Белгород.

„Со извршувањето на овој терористички чин, украинското раководство го покажа своето вистинско лице. Ги занемари животите на сопствените граѓани“, се вели во соопштението на Министерството.

Меѓутоа, украинската воена разузнавачка агенција ГУР соопшти дека од Украина не било побарано да ја гарантира безбедноста на воздушниот простор во областа Белгород, како што било за време на претходната размена на заробеници, и дека не ѝ било кажано кое транспортно средство ќе се користи и кои рути.

„На таа основа би можеле да зборуваме за планирани и намерни дејствија на Русија за дестабилизација на ситуацијата во Украина и слабеење на меѓународната поддршка за нашата земја“, се наведува во соопштението на ГУР.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните радари откриле лансирање на две украински ракети во моментот на падот на авионот. Руското Министерство за надворешни работи го нарече тоа „варварски чин“, а министерот за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Москва побарала вонредна седница на Советот за безбедност на ОН со цел Киев да ги објасни своите постапки.

„Украинските воени заробеници беа транспортирани во Белгород за да извршат уште една размена договорена од Москва и Киев. Наместо тоа, украинската страна лансираше ракета за противвоздушна одбрана од регионот Харков. Целта беше авионот, а ударот беше фатален“, рече Лавров.

Доколку се потврдат деталите, ова ќе биде најсмртоносниот инцидент од овој тип во меѓународно признаените граници на Русија за време на војната досега, истакнува Ројтерс.

Украинската разузнавачка агенција потврди дека за вчера била планирана размена на заробеници со Русија и соопшти дека руските војници навреме биле пренесени до договорениот пункт за размена и дека се безбедни.

„Слетувањето на транспортен авион во зоната на борбени операции во радиус од 30 километри не може да биде безбедно и во секој случај мора да биде предмет на договор на двете страни, бидејќи во спротивно го загрозува целиот процес на размена“, се наведува.

Исто така, се додава дека немаат сигурни информации за тоа кој бил во соборениот авион.

На видеото објавено на апликацијата База на Телеграм, канал поврзан со руските безбедносни служби, чија автентичност ја потврдил Ројтерс, може да се види како голем авион паѓа кон земјата во близина на селото Јаблоново во регионот на Белгород, проследено со голема експлозија.

Андреј Картаполов, пратеник во рускиот парламент и пензиониран генерал, изјави за порталот ШОТ дека е невозможно операторите на украинските ракетни системи земја-воздух да згрешат и да ги заменат транспортните авиони со борбени авиони или хеликоптери како цели.

„Тоа е намерно направено за да се саботира размената на заробеници“, рече Картаполов, додавајќи дека друг руски транспортен авион Ил-76 со околу 80 украински војници успеал да сврти.

Картаполов, кој е близок до руското Министерство за одбрана, рече дека авионот бил соборен од три проектили од американско или германско производство.

Ројтерс не можел да потврди детали за тоа кој бил во соборениот руски авион, но Москва и Киев редовно разменуваат заробеници од почетокот на војната.

Руските државни медиуми објавија список со имињата на 65 заробени украински војници за кои тврдат дека биле во авионот. Објавени се и нивните датуми на раѓање. Ројтерс не можел да ја потврди веродостојноста на листата.

Регионот Белгород, кој граничи со Украина, често беше цел на напади од Украина во последните месеци, вклучувајќи го и нападот во декември во кој загинаа 25 луѓе.

Вјачеслав Володин, претспретседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент, ја осуди Украина.

„Тие ги соборија сопствените војници. Нивните мајки, сопруги, деца ги чекаа“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ