Измените на Кривичниот законик предизвикаа промени и на судењето против Зекири. Делото му е преквалификувано, а куќниот притвор укинат. Наместо ставот 5 кој беше избришан со измените на КЗ сега ќе одговара за став 4 од делото злоупотреба на службената положба кој предвидува казна затвор од најмногу пет години. По стариот член му се закануваше казна затвор од најмалку пет до максимални 20 години.
„Поднесениот обвинителен акт е трансформиран во обвинителен предлог, согласно измените на Кривичниот закон од септември 2023, кои што предвидуваат поблаго казнување за обвинетиот. Врз основа на тоа е извршена измена на диспозитивот на сега поднесениот обвинителен предлог во делот на опфатот на законските елементи на кривичното дело кое му се става на товар“, изјави Катерина Коларевиќ, обвинителка во ОЈО ГОКК.
Ваквите измени придонесоа да се води скратена постапка, според која притворот може да трае најмногу 60 дена. Овој рок е веќе надминат и на предлог на обвинителката, судијката му го укина куќниот притвор и му определи мерки на претпазливост – одземање на пасош, забрана за напуштање на градот и јавување во суд.