сабота, 1 февруари 2025

УЈП за вчерашниот промет во 8 синџири на маркети: Пад на прометот за 46,59%

Споредбената анализа на Управата за јавни приходи на податоците за прометот во осум поголеми синџири на маркети во Македонија покажа дека вчера во однос на петокот пред една недела, забележан е пад на вкупниот промет за 46,59%. Вчера во однос на завчера во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46,29%, соопшти УЈП.

Објавено на

часот

Сподели

Анализата е направена според податоците од системот за регистрирање на готовински промет (GPRS) за деновите 24, 30 и 31 јануари. Во петок, 31 јануари, до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 114.293.367 денари. На 30 јануари таа бројка беше 212.782.151 денар.

Во петокот на 24 јануари вкупниот промет бил 213.985.705 денари.

УЈП најави дека ќе продолжи со мониторирање и анализа на овие трендови, како и на информирање на јавноста за сите важни податоци кои ќе имаат влијание на економијата.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, еден ден по бојкотот, изјави дека инспекторите се на терен во сите поголеми супермаркети, се прави детална анализа, при што според првичните сознанија она за што биле загрижени во однос на цените е всушност реалност. Повеќе детали за анализите најави од понеделник.

„Да излегоа на терен сите институции, повеќе информации би имал од понеделник, но можам да кажам дека се наоѓаме буквално во сите поголеми супермаркети и се прави детална анализа. Повеќе информации ќе можам да споделам со јавноста од понеделник. Но, можам да кажам дека делот од она што бевме загрижени, односно нашите стравувања стануваат вистина и реалност, така што делуваме и ќе продолжиме да делуваме. Како Влада имаме обврска да го штитиме стандардот на граѓаните“, изјави денеска Мицкоски.

Тој нагласи дека истовремено ќе се води сметка и за пазарната економија, односно да не дојде до нарушување на нејзините принципи и додаде дека сите засегнати треба заедно да работат со цел од целата ситација да излезат како победници.

Пораки дека решение за високите цени треба да се бара низ дијалог меѓу производителите и продавачите и да се почитува Законот за нефер трговски практики, беа упатени во тек на бојкотот на големите синџири маркети што се одржа вчера првпат во државава по постојаното поскапување на основните прехранбени производи.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески го поддржува бојкотот, но нагласува дека единствен начин за решавање на проблемот со високите цени е дијалогот меѓу производителите и продавачите.

„Ние ќе се однесуваме најодговорно и заедно со Владата ќе бараме решение за тоа и нормално, со останатите чинители“, рече Азески.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска апелира да се почитува Законот за нефер трговски практики и да не се злоупотребува моментот дека некоја надлежна институција не излегла на терен.

Трошоците на животот во декември годинава во однос на декември минатата година, се зголемени за 4,4 проценти, а  цените на мало за 4,3 проценти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ