петок, 20 декември 2024

Убивањето важен руски генерал не беше паметно, вели претставникот на Трамп за Украина и Русија

Специјалниот претставник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, го критикуваше убиството на рускиот генерал-полковник Игор Кирилов во Москва.

Објавено на

часот

Сподели

Келог за Фокс бизнис изјави дека убиството на Кирилов не ги попречува мировните преговори меѓу Украина и Русија, но дека тоа може да претставува кршење на правилата на војната.

„Кога убивате високи офицери, генерали, адмирали, во нивниот роден град, тоа е како да ги проширувате правилата на војната. И мислам дека тоа не е паметна работа“, рече тој.

Келог исто така нагласи дека во случајот со Кирилов, атентатот наводно го извршило регрутирано лице, што го опиша како „многу лоша идеја“.

„Но, знаете, ова е војна… Ова е нешто што се случува во војна. Жално е. Затоа војниците никогаш не сакаат да одат во војна бидејќи се случуваат вакви работи“, додаде тој.

Пред два дена во експлозија во Москва загина генерал-полковник Игор Кирилов, шеф на силите за радијациска, хемиска и биолошка заштита на руските вооружени сили, задно со својот асистент.

Според извор од украинската безбедносна служба за Украинска правда, експлозијата на автомобилот на Кирилов била специјална операција на Службата за безбедност на Украина (СБУ).

САД претходно изјавија дека не биле информирани за атентатот на Кирилов и дека не поддржуваат такви акции.

Келог смета дека е време Украина и Русија да постигнат мировен договор со оглед на состојбата на бојното поле, што покажува исцрпување на силите на двете страни.

„Мислам дека двете страни се подготвени. Замислете борба во кафез: имате двајца борци и обајцата сакаат да се откажат, потребен е судија да ги раздели. Мислам дека претседателот Доналд Џеј Трамп може да го направи тоа“, рече Келог.

Тој истакна дека во текот на историјата, Русија водела војни користејќи стратегија на масовен конфликт, што резултирало со големи загуби на двете страни. „Тоа е војна на исцрпување“, рече Келог.

Според Келог, војната веќе предизвикала огромни жртви, со приближно 350.000 до 400.000 загинати руски и 150.000 украински војници. Тој смета дека сега е моментот двете страни да „направат чекор назад“ и да почнат преговори.

Специјалниот пратеник посочува дека Трамп ќе посредува во мировните преговори и ќе го исполни ветувањето што го даде за време на изборната кампања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ