среда, 26 февруари 2025

Уапсен романскиот крајнодесничарски претседателски кандидат

Калин Џорџеску, фаворитот на десничарското крило во романската претседателска трка, денеска беше доведен на сослушување во врска со минатогодишните избори, кои беа поништени по наводната руска операција на влијание.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Неговата официјална страница на Фејсбук објави дека Џорџеску бил запрен во сообраќај и одведен во Јавното обвинителство токму во моментот кога требало да ја поднесе новата кандидатура за претседателските избори.

„Системот го запре во сообраќај и го однесе на распит! Каде е демократијата, каде се партнерите што треба да ја бранат?“, стои во соопштението.

Романските медиуми објавија дека обвинителите издале налог за апсење и ги претресуваат просториите на неговите соработници, вклучително и водачот на платеничката група Хорациу Потра и телохранителот на Џорџеску.

Инспекторите го испитуваат финансирањето на неговата кампања минатата година, а во официјалното соопштение наведуваат дека истражуваат 27 лица за дејствување против уставниот поредок, јавно поттикнување насилство и основање фашистичка организација. Џорџеску не беше конкретно именуван, но го уапсија откако неговите соработници беа поврзани со овие наводи.

Романија западна во политичка криза кон крајот на минатата година, откако Џорџеску победи во првиот круг од претседателските избори и требаше да се соочи со реформистката Елена Ласкони во вториот круг. Сепак, Уставниот суд ги поништи изборните резултати поради сомнежи за руско влијание врз исходот од гласањето.

Новите претседателски избори се закажани за 4 мај, додека вториот круг треба да се одржи на 18 мај. Џорџеску тврди дека апсењето и истрагата се обид да се спречи тој повторно да се кандидира.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ