Дутерте беше уапсен од полицијата на аеродромот во Манила веднаш по неговото пристигнување од Хонг Конг. Илјадници луѓе беа убиени во бруталната војна на Дутерте против дрогата, која се одвиваше додека тој беше претседател на оваа земја во Југоисточна Азија од 2016 до 2022 година.
79-годишникот претходно изјави дека е подготвен да оди во затвор, одговарајќи на извештаите за негово можно апсење. Меѓународната коалиција за човекови права на Филипините го нарече апсењето „историски момент“, јавува Би-би-си.
Сепак, поранешниот портпарол на Дутерте Салвадор Панело го осуди апсењето, велејќи дека е „незаконско“ бидејќи Филипините се повлечени од МКС. МКС претходно објави дека има јурисдикција на Филипините за наводни злосторства извршени пред земјата да се повлече од членството.
Дутерте беше во Хонг Конг за да ја води кампањата за својата сенаторска листа на претстојните избори што ќе се одржат на 12 мај. На снимката емитувана на локалната телевизија се гледа како тој го напушта аеродромот користејќи бастун. Надлежните велат дека тој е во „добра здравствена состојба“ и дека е згрижен од државни лекари.
Дутерте, поранешен градоначалник на еден од најголемите градови во земјата, дојде на власт ветувајќи сеопфатна борба против криминалот. Тој им нареди на безбедносните служби да ги убијат сите поврзани со дрога. Повеќе од 6.000 осомничени се убиени од полицијата или други непознати напаѓачи, но групите за човекови права велат дека бројот може да биде поголем.
„Хитлер масакрираше три милиони Евреи. Сега имаме три милиони зависници од дрога на Филипините. Со задоволство би ги заклал“, изјави тој неколку месеци по преземањето на функцијата.
Критичарите тврдат дека неговата „војна против дрогата“ довела до полициска злоупотреба и дека многу осомничени биле егзекутирани по кратка постапка. Парламентарните истраги укажаа на мистериозен „одред на смртта“ од ловци на награди кои ги напаѓаа осомничените.
МКС првпат ги забележа наводните злоупотреби во 2016 година и започна своја истрага во 2021 година. Опфати случаи од ноември 2011 година, кога Дутерте беше градоначалник на Давао, до март 2019 година, пред Филипините да се повлечат од МКС.
Дутерте негуваше имиџ на груб говорник и човек против естаблишментот, што привлече многу Филипинци да гласаат за него. Неговата ќерка Сара Дутерте е актуелен потпретседател на Филипините и потенцијален претседателски кандидат на изборите во 2028 година.