четврток, 30 јануари 2025

Туск и Трудо: Во свет на вознемирувачки сличности со времето на подемот на нацистите

Канадскиот премиер Џастин Трудо и полскиот премиер Доналд Туск денеска во Варшава се согласија дека приоритет за нивните земји е безбедноста поради зголемената нестабилност на светот каде војната повеќе не е историска меморија.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Туск нагласи дека одлуката Полска да издвојува речиси пет отсто од годишниот бруто БДП за одбраната не е резултат на нечии повици, туку автономна полска одлука поради војната на нејзините граници и акциите на Русија.

„Ние издвојуваме речиси пет отсто од БДП годишно, не затоа што некој апелирал, туку затоа што живееме на одредено место на Земјата. На нашите граници има војна. Полска е цел на напади и во сајбер просторот и саботажа и диверзија на нашата територија. Индициите недвосмислено водат до руските служби. Нашата одлука е автономна и произлегува од нашите потреби“, изјави Туск на прес-конференцијата.

Полскиот премиер истакна дека војната за Европа веќе не е апстрактна, таа веќе не е само историска меморија.

„Разговаравме за впечатоците на премиерот Трудо вчера на годишнината од ослободувањето на Аушвиц. За тоа колку алармантни знаци од минатото има денес во светот. Знаеме дека историјата не се повторува целосно, но секој што има очи и уши може да види колку работи, колку настани, колку политички лидери почнуваат да се надоврзуваат на најлошите традиции на Европа и западниот свет“, рече Туск.

Полскиот премиер рече дека Канада е во малку поинаква позиција геополитички, но дека Европа мора да издвојува онолку колку што е потребно за нејзина одбрана, без разлика кој од неа бара распределување.

Канадскиот премиер Трудо, сè уште под впечаток од прославата на 80-годишнината од ослободувањето на најголемиот германски логор на смртта, Аушвиц на југот на Полска, предупреди дека злосторствата на германскиот нацистички режим не започнале во гасните комори, туку ги поставиле основите на геноцидот со постепено лишување на луѓето од нивните права и дехуманизирање на другите.

Ми се чини дека обврската “Никогаш повеќе!” слабее.  Имаме поделби, растечка омраза, антисемитизам низ целиот свет, но и растечка исламофобија заедно со хомофобија и трансфобија. Тоа предизвикува длабока вознемиреност. Социјалните мрежи, вештачката интелигенција, предизвикуваат турбуленции во јавниот простор, уште поголема поларизација. „Се чини дека екстремизмот расте на сите страни на политичкиот спектар“, изјави Трудо.

Трудо и Туск денеска го осудија мешањето на странски сили во изборите во други земји поради сесрдната поддршка што американскиот милијардер Илон Маск, близок до американскиот претседател Доналд Трамп, им ја дава на радикалните националисти, неонацисти и екстремисти во Европа, особено на германската АфД партија.

Полскиот премиер рече дека тој, како историчар по обука, мора да каже дека најгласниот можен аларм за Полска и Полјаците воопшто е дека партија како АфД во Германија има 20 отсто поддршка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ