среда, 25 декември 2024

Турција ќе го поддржи влегувањето на Шведска во НАТО, ако САД ја одобрат продажбата на борбени авиони

Турција би го поддржала членството на Шведска во НАТО под услов Соединетите Американски Држави да го одржат ветувањето и да ја одобрат продажбата на борбените авиони Ф-16 на Анкара, објави турскиот весник Хуриет, повикувајќи се на извори.

Објавено на

часот

Сподели

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган смета дека е погрешно тоа што САД ѝ испраќаат борбени авиони на Грција, а одбиваат да ѝ ги испратат на Турција.

„Тука не е проблем членството на Шведска, туку недостигот на доверба на САД во турската страна. Ако таа доверба се воспостави, патот на Шведска ќе биде поплочен“, оцени колумнистот на турскиот весник близок до владата Абдулкадир Селви.

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес во јули 2022 усвои амандман за буџетот за одбрана со кој на американската влада ѝ се забранува на Турција да ѝ продава нови авиони Ф-16 и компоненти за нивна модернизација сè додека Турција го крши воздушниот простор на Грција.

Претходно Турција беше исклучена од програмата за производство на ловците-бомбардери од петтата генерација Ф-35 поради купувањето руски противвоздушни ракетни системи С-400.

Шведска, како членка на Европската Унија, во преговорите со Турција се согласи, во замена за ратификација на апликацијата, да помогне во интензивирање на процесот на пристапување на Турција во ЕУ. Меѓутоа, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека прашањата за влегување на Шведска во НАТО и пристапувањето на Турција во ЕУ „не се поврзани едно со друго“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ