На трката присуствуваа повеќе од 250 натпреварувачи кои се соочија со тешки временски услови. Се трчаа 12 километри на дожд, ветер, грмотевици и град, а потоа сите натпреварувачи гордо зачекорија преку крајната цел, и успешно ја завршија претходно предвидената кружна шумска патека. Натпреварувачите се соочија со препреки од типот на: високи вертикални ѕидови, трчање преку гуми, искачување на јаже, носење товар по стрмнина, ползење по кал, како и фрлање копје.
„Да се организира ваква трка за прв пат во државата претставува огромна чест и задоволство за нас. Би сакале да се заблагодариме на сите натпреварувачи, Општина Маврово и Ростуше, како и сите спонзори и пријатели на трката и сите волонтери. Им честитаме на сите натпреварувачи за успешно завршување на трката“, изјавија организаторите од Регруп ДОО.
Во категорија жени најуспешни беа: Вера Урдаревска – MacedoniaOCR, Вики Ристоска – Fit Hub иСања Најдовски – TREX.
Во категорија мажи: Дејан Тодевски и Димитар Тодоровски –MacedoniaOCR и Александар Ѓорѓиевски – 091RUNCRW.
Во категорија тимови MacedoniaOCR, Alebras и DeltaTeam
Целта на трката беше да се подигне спортскиот и натпреварувачкиот дух во Македонија, како и да се промовираат македонските национални паркови и македонските природни ресурси. Оваа трка бара висока физичка и психичка подготвеност со цел успешно совладување на сите препреки за натпреварувачите да стигнат до целта. Организаторите на трката веќе најавија и подготовки на новата, втора трка од ваков карактер.
Трката ја подржаа Соко Горица ДООЕЛ – Вита-Го, ДУНА, Алгасан, Вода Ладна Екологистик сервис, Виталиа, ФруитЛенд, Фитнес Клуб Атлета и Скара Лесковац.