„Денеска на иста маса ќе бидат земјоделците, преработувачите и дел од фелата коишто се во секторот. Ќе дискутираме за она што значи активности во наредниот период – дали тоа ќе биде во делот на пролетната зелка, дали ќе биде за целата производна година“, појасни министерот Трипуновски.
Тој посочи дека министерството веќе работи и во делот на уредувањето на откупот и пласманот на земјоделските производи.
„Не сакаме да донесеме ниту еден акт којшто нема да биде претходно усогласен со сите кои што учествуваат во производниот процес, бидејќи министерството постои во интерес на решавање на предизвиците, решавање на проблемите и работи долгорочно да се одржи производството“, додаде министерот Трипуновски.
Тој истакна дека се размислува за модификација на системот во делот на регистрација на откупувачи во Македонија и дека тоа нема да се направи без консултација со секторот.
„Во денешниот разговор една од темите ќе биде и модификација на овој систем, како да се доуреди процесот на пласман на земјоделските производи. Во фаза сме во носење на новиот закон за земјоделство и рурален развој, којшто е база на земјоделското производство. Таму ќе се дефинираат многу правила на игра во делот на производство, пласманот, исплата на земјоделските производи, загарантирана производна цена којашто треба да биде за повеќето важни земјоделски производи. Овој закон се очекува до средината на годината да биде ефективен, и ќе значи долгорочно одржливо земјоделско производство“, појасни министерот.
Трипуновски посочи дека преку разговор на вакви средби ќе се стабилизира земјоделскиот сектор.