Компанијата работеше успешно во сите деловни сегменти. Вкупниот обем на работење на групацијата достигна 1.305,4 милиони евра, што е за 4 отсто помалку од минатата година, а земајќи го предвид ефектот од загубата на премијата за дополнително здравствено осигурување во Словенија, забележа пораст од 8 отсто. Групацијата, на крајот од третиот квартал, ја потврдува проценката дека годишниот деловен резултат пред оданочување ќе биде меѓу 130 и 150 милиони евра, во кои што е вклучен и надоместокот добиен од државата. Групацијата ја одржува финансиската стабилност и капитализација во рамките на целниот опсег и се стреми да биде стабилна, сигурна и профитабилна инвестиција за инвеститорите.
Групацијата, во првите девет месеци од оваа година оствари деловен резултат од 124,7 милиони евра пред оданочување (лани во истиот период -10,1 милиони евра), додека нето деловниот резултат е 106,8 милиони евра (лани -9, 6 милиони евра). Матичната компанија на групација Триглав, заваровалница Триглав, оствари оперативен резултат пред оданочување од 75,5 милиони евра (лани: 11,5 милиони евра) и нето оперативен резултат од 64,1 милиони евра (лани: 9,6 милиони евра).
Претседателот на управа на заваровалница Триглав, Андреј Слапар изјави: „Оваа година постигнуваме добри резултати во сите деловни сегменти. Имајќи ги предвид очекуваните деловни услови до крајот на годината, уште еднаш потврдуваме дека ќе ги надминеме првичните годишни планови и ќе постигнеме годишен деловен резултат пред оданочување меѓу 130 и 150 милиони евра. Воедно, би сакал да се заблагодарам на тимот на Триглав за посветената работа за остварување на зацртаните цели“.
Групацијата Триглав речиси две третини од деветмесечниот деловен резултат пред оданочување, т.е. 79,2 милиони евра, оствари во доменот на осигурување (лани – 35,6 милиони евра). Резултатот на сегментот Имотно осигурување изнесуваше 53,0 милиони евра, додека лани, поради исклучително големиот број масовни штети и инфлаторните притисоци изнесуваше -19,6 милиони евра.
Членот на управниот одбор на заваровалница, Триглав Урош Иванц, објасни: „На овогодинешниот добар резултат на сегментот Имотно осигурување позитивно влијаеше зголемениот обем на деловно работење и ефектот од претходните зголемувања на премиските стапки, а во исто време имавме 29 отсто помалку штети во однос на истиот период лани и спроведовме голем број мерки во областа на осигурителни ризици.“ Споредено со лани, деловниот резултат во осигурителниот сегмент Живот е зголемен за 6 отсто, на 13,4 милиони евра, додека сегментот Здравство, по минатогодишната загуба, годинава оствари резултат од 12,8 милиони евра. На ова влијаеа и еднократните ефекти, особено надоместокот, добиен од државата, по основ на дополнително здравствено осигурување.
Деловниот резултат во инвестицискиот дел од бизнисот е двојно зголемен во однос на лани и изнесува 37,5 милиони евра, додека деловниот резултат на неосигурителната дејност е зголемен за 18 отсто на 8,0 милиони евра. Нејзиниот раст доаѓа главно од управувањето со средствата на клиентите во заеднички фондови и индивидуалното управување.
Од аспект на резултатите од одделните деловни сегменти, сегментот Имот оствари деловен резултат пред оданочување од 75,4 милиони евра (лани -8,8 милиони евра), сегментот Живот 21,9 милиони евра (лани 14,9 милиони евра), Здравствениот сегмент 14,3 милиони евра (лани -29,2 милиони евра) и сегментот Управување со средства 13,1 милиони евра (лани 13,0 милиони евра).
Вкупниот деловен обем на Групацијата Триглав достигна 1.305,4 милиони евра, што е за 4 отсто помалку од лани, а имајќи го предвид ефектот од загубата на премиите за дополнително здравствено осигурување, тој е зголемен за 8 отсто. Освен во Словенија, каде што горенаведениот ефект имаше влијание, Групацијата ја зајакна осигурителната премијата на повеќето други пазари во регионот Адрија (вкупно раст од 8 проценти) и во поширокото меѓународно опкружување (раст од 12 проценти). Во согласност со целите, учеството на осигурителните премии од Словенија во Групацијата се намали на 57,3 отсто (лани 63,1 отсто), учеството на регионалните пазари, надвор од Словенија, се зголеми на 20,9 отсто (лани 18,4 отсто), а учеството на меѓународното осигурување и реосигурување се зголеми на 21,8 отсто (лани 18,5 отсто).
Пресметаните штети изнесуваа 480,7 милиони евра, што е за 42 отсто помалку од лани. Проценетата вредност на штетите од природни масовни штетни настани во првите девет месеци од годинава изнесува 42,0 милиони евра, што не се разликува значително од обемот во претходните години. Оперативните расходи, заедно со другите поврзани расходи за осигурување на Групацијата Триглав, се зголемени за 5 отсто, на 327,3 милиони евра. Трошоците за работна сила, во износ од 150,2 милиони евра имаат најголемо учество од 44 отсто во оперативните трошоци, додека најголем раст од 18 отсто имаат трошоците за стекнување осигурување, кои што изнесуваат 79,4 милиони евра. На нивниот раст влијаеше зголемениот обем на работа на пазарите надвор од регионот Адрија и продажбата преку надворешни продажни канали.
Комбинираниот количник во сегментите Имот и Здравје достигна поволни 92,5 отсто (лани 105,2 отсто). Профитабилноста на новиот бизнис во сегментот Живот од 13,7 отсто е иста како и лани. Останатите сеопфатни приходи се ниски поради усогласувањето на доспеаноста на финансиските инвестиции и обврските и изнесуваат 3,2 милиони евра (претходна година: 16,8 милиони евра). Годишниот принос на капиталот, со висок раст на нето добивката, изнесува 15,6 отсто, додека лани била негативна.
Вкупните средства под управување на Групацијата на крајот од деветте месеци изнесуваат 5.630,1 милиони евра, што е за 16 отсто повеќе во однос на крајот на 2023 година. Од нив, компаниите на Групацијата управуваа со сопствените средства, со средствата на осигурениците кои го преземаат инвестицискиот ризик и финансиските вложувања од финансиски договори во износ од 3.803,7 милиони евра (12 отсто повеќе од крајот на 2023 година). Составот на ова портфолио е споредлив со состојбата на крајот на 2023 година. Профитабилноста на финансиските инвестиции на Групацијата, без инвестициите во корист на осигурениците кои го преземаат инвестицискиот ризик, се зголеми за 1,3 процентни поени во однос на истиот период лани и изнесува 3,1 отсто.
Групацијата Триглав годинава доби висока оцена „А“ со стабилна среднорочна прогноза од агенциите за кредитен рејтинг S&P и AM Best. Групацијата останува финансиски стабилна, адекватно ликвидна и капитализирана на соодветно ниво. Членот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав Урош Иванц рече: „Капитализацијата на Групацијата Триглав за девет месеци беше во рамките на целниот опсег, кој е помеѓу 200 и 250 проценти“. На неа позитивно се одрази овогодинешното издавање на субординирана обврзница“.
Клучни податоци за работењето на Групацијата Триглав во првите девет месеци од 2024 година во милиони евра
1-9 2024 | 1-9 2023* | Индекс | |
Вкупен обем на бизнис (1 +2) | 1305,4. | 1358,5. | 96. |
Пресметана бруто полисирана премија (1) | 1236,2. | 1303,7. | 95. |
Други приходи (2) | 69,2. | 54,9. | 126. |
Осигурителен деловен резултат (1) | 79,2. | -35,6. | |
Приходи од осигурителни услуги | 942,3. | 989,1. | 95. |
Државен надоместок согласно Правилникот за дополнително здравствено осигурување | 11,0. | 0,0. | |
Пресметани штети | 480,7. | 824,2. | 58. |
Трошоци за стекнување, админ. трошоци, вклучувајќи ги и оние што не можат да се припишат | 270,1. | 259,6. | 104. |
Нето резултат од договорите за реосигурување | -101,5. | 62,6. | |
Нето други приходи/расходи од осигурување | -22,0. | -3,5. | 625. |
Деловен резултат од инвестицискиот дел (2) | 37,5. | 18,7. | 201. |
Инвестициски резултат | 113,6. | 51,1. | 222. |
Финансиски резултат од договорот за осигурување | -83,7. | -40,5. | 207. |
Промена на резервите за нереализирање на гарантираните приноси | 0,9. | 6,1. | 15. |
Припишани добивки/загуби и намалување на вредноста на вложувања во придружени друштва | 6,8. | 2,1. | 327. |
Деловен резултат од неосигурителни активности (3) | 8,0. | 6,7. | 118. |
Деловен резултат пред оданочување (1+2+3) | 124,7. | -10,1. | |
Нето деловен резултат | 106,8. | -9,6. | |
Други сеопфатни приходи | 3,2. | 16,8. | 19. |
1-9 2024 | 1-9 2023 | ||
Комбиниран количник на Имот и Здравје | 92,50% | 105,20% | -12,7 o.t. |
Штетен количник на Имот и Здравје | 63,80% | 80,30% | -16,5 o.t. |
Трошковен количник на Имот и Здравје | 28,70% | 24,90% | 3,8 o.t. |
Профитабилност на нов бизнис во сегментот Живот | 13,70% | 13,70% | 0,0 o.t. |
Годишен принос на капиталот | 15,60% | -1,50% | 17,1 o.t. |
Принос на инвестиции | 3,10% | 1,80% | 1,3 o.t. |
30. 9. 2024. | 31. 12. 2023. | Индекс | |
Биланс на состојба | 4451,0. | 4099,0. | 109. |
Капитал | 961,3. | 891,1. | 108. |
Средства под управување (AUM) | 5.630,1. | 4851,4. | 116. |
Маржа за договорна услуга (CSM) | 278,4. | 238,4. | 117. |
Број на вработени | 5207. | 5.318. | 98. |
Број на вработени (еквивалент со полно работно време) | 5.121. | 5190. | 99. |
*Податоците за компаративниот период се разликуваат од оние што ги објавивме за првите девет месеци од претходната година, бидејќи ги приспособивме консолидираните финансиски извештаи за овој период за да ги исклучиме трансакциите помеѓу компаниите во Групацијата. Во двата периода, приходите од провизии за реосигурување повеќе не влегуваат во ставката вкупен обем на работење, поради што нивниот износ е помал за 4 отсто.
Стратешки амбиции на групација Триглав до 2030-та година и план за 2025-та година
Групацијата го усвои планот за 2025-та година и ја надгради стратегијата до 2030-та година за понатамошно профитабилно, безбедно и одржливо работење. Во 2025-та година предвидува дека со редовно работење ќе оствари деловен резултат пред оданочување меѓу 130 и 150 милиони евра (нето деловен резултат меѓу 100 и 120 милиони евра). Нејзината стратешка амбиција е до 2030-та година да го удвои резултатот на износ меѓу 250 и 300 милиони евра. Групацијата ја одржува финансиската стабилност и капитализација во рамките на целниот опсег и се стреми да биде стабилна, сигурна и профитабилна инвестиција за инвеститорите.
Групацијата Триглав ја надгради својата стратегија до 2030-та година, а во нејзиното спроведување ќе ја следи својата мисија Градиме побезбедна иднина. Групацијата, во согласно со нејзината визија, ја зголемува видливостa како меѓународна осигурителна и финансиска групација.
Претседателот на управен одбор на заваровалница Триглав, Андреј Слапар, ги сумираше главните точки од стратешките амбиции на групацијата Триглав: „Во 2030-та година сакаме да постигнеме деловен резултат пред оданочување меѓу 250 и 300 милиони евра, што е двојно повеќе од планираното резултат во 2025-та година. Сакаме да останеме профитабилна, стабилна и сигурна инвестиција за инвеститорите, поради што си поставивме високи амбиции, како во однос на идните резултати, така и во однос на растот на обемот на бизнисот и нашата позиција на пазарите. Ние сме меѓународна осигурителна и финансиска групација, а нашата водечка позиција на пазарот во регионот ни овозможува да ги искористиме ефектите од економиите на обем и да постигнеме ефикасност на процесите. Тоа дополнително ќе го интензивираме. Ќе бидеме профитабилни во работењето, за што ќе придонесат поедноставувањето, централизацијата, дигитализацијата и вклучувањето на современи технологии во нашите процеси. Клиентите и нивните потреби остануваат во центарот на нашите активности. Сакаме да им понудиме иновативни решенија за осигурување и инвестиции на достапен начин. И конечно, ќе се стремиме да ја одржиме нашата организација агилна и ефикасна во прилагодувањето на предизвиците и промените во околината. Убедени сме дека испреплетувањето на традицијата со новите технологии, нашите мотивирани вработени и финансиската сила на Групацијата се вистинската основа за исполнување на нашите ветувања кон сите засегнати страни“.
Групацијата Триглав останува фокусирана на профитабилно, безбедно и одржливо работење. Во 2025-та година планира деловен резултат пред оданочување меѓу 130 и 150 милиони евра (нето деловен резултат помеѓу 100 и 120 милиони евра). Нејзината стратешка амбиција е во 2030-та година деловниот резултат пред оданочување да изнесува меѓу 250 и 300 милиони евра.
Групацијата ќе се залага за високо ниво на профитабилност на осигурителниот дел од бизнисот. Нејзината амбиција е комбинираниот количник на сегментите Имот и Здравје во 2025-та година и во стратешкиот период да биде под 95 проценти.
Групацијата ја зголемува својата видливост како меѓународна осигурителна и финансиска групација, што е и нејзина визија. Задржувајќи ја водечката пазарна позиција во Словенија и во регионот Адриа, ќе се стреми да ја подобри својата позиција на поединечни постојни пазари, додека на меѓународните пазари ќе ги искористи можностите за раст преку активности за реосигурување и употреба на нови деловни модели.
Групацијата Триглав ќе го зајакне обемот на своето работење, а во исто време ќе се грижи за својата диверзификација од географска и производно-услужна гледна точка и ќе го зајакне својот удел на пазарите надвор од Словенија. Се очекува дека вкупниот деловен обем во 2025-та година ќе биде повеќе од 1,8 милијарди евра, додека Групацијата има амбиција во 2030-та година обемот да биде помеѓу 2,5 и 3,0 милијарди евра. Групацијата сака да ги зајакне средствата под управување и нејзината амбиција е да надмине 10 милијарди евра во 2030-та година. Групацијата ќе го надополни амбициозно планираниот органски раст со активности за преземање, доколку има соодветни можности за нив.
Амбицијата на групацијата е во периодот од 2025 до 2030 година, во согласност со политиката за дивиденди, на акционерите да им исплати околу 400 милиони евра дивиденда, притоа задржувајќи ја целната адекватност на капиталот и соодветните услови за нејзин раст и развој.
Триглав сака да остане осигурителна и финансиска групација, која што е оценета со висок кредитен рејтинг „А“, што е потврда за доверливо управување со ризикот и со адекватноста на капиталот. Групацијата има амбиција нето повратот на капиталот (ROE) во 2030-та година да биде помеѓу 12 и 13 проценти.