Ова беа најчестите зборови кои во петокот се слушаа на собраниската дискусија за младинските политики, која доминантно се однесуваше на имплементирањето и недостатоците на Законот за младинско учество (Закон за млади) кој беше донесен на почетокот на 2020 година.
Целта на законот беше да се зајакне младинското учество, да се засили влијанието на младите врз политиките од нивен интерес и да се воспостават повеќе сервиси на локално и национално ниво кое ќе помогне во нивниот активизам и социјален развој. Но, повеќе од три години подоцна имплементацијата на законот е со огромни проблеми, а беа прекршени законските рокови за речиси сите тела кои требаше да се формираат.
Александар Каратошо, од Европска демократска младинска мрежа смета дека тоа што се предвидуваат центри, совети, канцеларии и собранија на млади во секоја општина е една од главните причини за проблемите во имплементацијата на Законот.
„Законот треба да се дооформи. Треба повеќе да се гледа квалитетот наместо квантитетот. Не може да чекаме на мали општини како Зрновце, Лозово, Вевчани со по 2,5 илјади луѓе да има локален младински совет и младински центар што е навистина неодржливо. Буџетот на центарот таму ќе биде многу мал – 1.000-1.200 евра. Јас би одел со иницијатива дека треба да се формираат регионални центри, наместо локални и регионални совети наместо локални. Затоа што бројот на млади луѓе таму е навистина мал. Секако, треба да се направи нешто таму, не смееме да ги оставиме да извисат, тоа не е опција, но треба да се види како тоа да биде пофункционално“, посочи Каратошо.
Тој потенцираше дека треба да се додадат и казни за неисполнување на законските одредби.
„Како може да повикаме на одговорност, ако нема казни? Законот може да си постои, како што постојат и многу други закони, но ако немаме ниво како да повикаме одговорност од институциите, како ќе го спроведеме овој закон во пракса?“, запраша Каратошо.
Службеникот за млади во Општина Куманово, Мартин Крстиќ преброи дека на собраниската дискусија присутни се само три службеници за млади. Токму тоа, според него, е илустративен пример за нивната мотивираност, поддршката и слободата која ја имаат од институциите каде работаат.
„Од моето искуство, во комуникација со други службеници за млади, за тие да одат на некоја обука која им е потребна за нивната работна позиција, тие мора да земаат одмор од работа и да користат свои средства за да се едуцираат во полето кое им е потребно да работат во самата институција“, рече Крстиќ.