„Трговците и дистрибутерите дадоа свои предлози и забелешки кои Министерството за економија и труд дополнително ќе ги анализира. На состанокот беше договорено конечната одлука да се донесе во текот на следната недела“, информираа од Министерството за економија и труд по состанокот, на кој присуствувале министерот за економија и труд – Бесар Дурмиши, неговиот заменик – Марјан Ристески, директорот на Државниот пазарен инспекторат – Влатко Стојкоски и претставници од Комисијата за заштита од конкуренција.
Како што изјави Даница Блажевска од Рептил маркети, претставниците на трговците и дистрибутерите побарале да има реално намалување на цените на 100 до 200 производи зашто со првичната формула се опфатени над 1.000 производи, заради што, велат, дека не можат да постигнат ефект да се спуштат што повеќе цени и да бидат што подостапни за граѓаните. Сметаат дека е подобро заедно со производителите и добавувачите да направат реално намалување на цените на 100 до 200 производи, кои се најнеопходни за секојдневното живеење што ќе биде видливо за граѓаните.
„Бараме да се намали големиот број на производи кои се опфатени во мерката и да се сведе на 100 до 200 кои се вистински потребни, бидејќи сега се опфатени над 1.000 производи. Тоа создава проблем во секојдневното работење за контрола на цени, за да добиеме подобри цени од произведителот и добавувачот. Тоа е многу напорно и не може да се постигне доволна контрола, бидејќи се случуваат злоупотреби со картончињата на кои се напишани цените, ги вадат, паѓаат. Тоа, пак, ни создава голем ризик-фактор дека може да дојде инспекција и да ни најде дека е неодбележана цената“, рече Блажевска по средбата во Министерството за економија и труд.
Прашана дали може да се злоупотреби дополнителниот период што им е даден за спроведување на мерката за да се направи дополнително зголемување на цените, Блажевска рече дека маркетите постојано добиваат нови ценовници со зголемени цени.
„Заедно со произведителите и добавувачите даваме напор да не се покачуваат цените за да може да се најде некое заедничко решение. Токму тоа е и предлогот на Владата – да најдеме заедничко решение за што добивме разбирање од нивна страна“, посочи Блажевска и додаде дека очекува до понеделник да завршат анализите на Министерството.
По зголемувањето на цените на храната и двата граѓански бојкота, во вторникот Владата на седница го задолжи Министерството за економија и труд да подготви предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна.
Со предлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошнички, но и детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.
Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.